На Али Ахмети му прекипе!
На Али Ахмети му прекипе! Доста му е веќе и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постојано (и со години) да ја обвинуваат ДУИ за вклученост на нејзини функционери и локални и државни раководители во криминали и корупции, да ги озборуваат пред меѓународната заедница, да ги офираат по медиуми и прес-конференции, а во сите тие години да нема НИТУ ЕДЕН случај во кој се докажани ваквите тврдења.

Навистина, г-динот Ахмети, формално правно, е во право. Во Македонија никогаш функционер на ДУИ не е осуден за дела од областа на покрупниот, организиран криминал и корупција. Имало судења (некои се во тек) за кривични дела поврзани со изборни измами или нарушувања на јавниот ред и поредок, се воделе постапки за разни недозволени употреби на калашњикови и пиштоли во разни славеничко-пресметувачки прилики, физички пресметки и закани, фалсификати на документи и сл., но никогаш никој нивен функционер не бил докажано фатен во покрупни кривични дела за поткупи, крадења на државни имоти, милионски перења пари, сомнителни оф-шор сметки итн.
Заклучокот е јасен: и покрај тоа што се 20 години инкорпорирани, длабоко „вкопани“ на сите вертикални и хоризонтални нивоа во власта, ДУИ не е партија којашто се занимава со криминал и корупција, туку само се грижат за спроведување на националните интереси на етничките Албанци и, по тој редослед, за државните интереси на Македонија. Точка.
Или, сепак, не?! Хмммм…
Историски, заради познатите околности („граѓани од втор ред“), Албанците две децении беа исклучени од крупните махинации и криминали поврзани со процесот на приватизација во државава, во времето кога крупниот капитал во Македонија „менуваше раце“. До неодамна ги нема(ше) ни во окрупнувањето на банките (без кои тие далавери не можеа да се прават). Додека етничките македонски политичари и денеска се препукуваат за потеклото и бенефитите од тоа „примарно зло“, Албанците, вредно и макотрпно, со децении се обидуваа своите претприемнички бизниси да ги потпрат врз семејните заштеди и помошта од работливата дијаспора. Да, често и во „сивите зони“ на официјалната економија, но ретко со државна или банкарска помош, барем во првите две децении од осамостојувањето. Впрочем, ни во „македонскиот камп“ нема разрешница за дузини сомнителни случаи и обвиненија за милионски криминали од тие времиња, а и она што е сѐ уште во процес на истраги и судења, благодарение на познатата обвинителско-судска ефикасност, кај и да е, наскоро правно ќе застаи.
…
Колимната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука






