На барање на МПЦ, нема да се тргаат металните огради околу црквата „Св. Константин и Елена“ во центарот на Скопје

Металните огради околу црквата „Св. Константин и Елена“ на улица „Македонија“, сепак, нема да се отстрануваат, а кругот на црквата, чија градба сѐ уште не е завршена, ќе остане оградена.

Ваквата информација денеска ја соопштија од Општина Центар по средбата на градоначалникот Горан Герасимовски со архиепископот македонски и охридски, г.г. Стефан, кој во име на МПЦ-ОА побарал од Општината да не се отстрануваат оградите околу црквата.

 

 

„Општина Центар на барање на МПЦ нема да ги отстрани тарабите и тие ќе останат сѐ до завршување на финалните работи на објектот, кои наскоро ќе бидат готови. Одлуката кругот на црквата да остане ограден е пред сѐ поради безбедносни причини со оглед на фактот дека над камбанаријата сѐ уште се извишува кран“,

 

се вели во соопштението на Општина Центар.

Оттаму додаваат дека по однос на ова прашање граѓаните ќе бидат информирани за сите чекори кои ќе се преземаат во иднина.

Пред една недела, Инспекторатот на Општина Центар најави дека ќе ја отстранува металната ограда од кругот на црквата „Св. Константин и Елена“ во строгиот центар на главниот град, бидејќи, како што посочија оттаму, ниту има никакви градежни работи, ниту, пак, има најави дека тие ќе продолжат со оглед на тоа што и рокот за изградба на црквата од 10 години е поминат.

Back to top button
Close