Најмалку 11 деца загинаа во напад врз училиште од страна на воената хунта на Мјанмар

Се верува дека најмалку 11 деца загинаа при напад врз училиште од страна на воената хунта на Мјанмар во петокот, пишуваат денеска локалните медиуми, пренесе ДПА.

Очевидци за ДПА изјавија дека најмалку 20 други ученици се здобиле со повреди при нападот, некои од нив посериозно повредени, откако два хеликоптера пукаа врз училиштето во градот Табајин.

УНИЦЕФ повика на „итно и безбедно ослободување“ на околу 15 деца кои отишле на училиште, а сега не се знае каде се. Во соопштението се додава дека „училиштата мора да бидат безбедни“.

„Децата никогаш не смеат да бидат нападнати“, се наведува во соопштението.

Војската извршила воздушен напад во Табајин, верувајќи оти училиштето се користи за засолниште на милитантни „екстремисти“, како што пишува весникот „Д Иравади“, цитирајќи го Министерството за информации на воената хунта.

– Кога почна воздушниот напад, наставниците побараа од децата да се засолнат под училишните клупи, појасни лице за ДПА, чии роднини биле таму, додавајќи дека тие кои не успеале да стигнат безбедно на време, „биле убиени или повредени“.

Back to top button
Close