Најмалку 40 загинати во пожар на брод кај Хаити поради вуду ритуал
Најмалку 40 мигранти ги загубија животите кога бродот со кој пловеа се запали во близина на брегот на Хаити, објави во петокот агенцијата на ОН, а очевидци објаснија дека трагедијата била предизвикана од вуду ритуал.
Трагедијата се случила во средата и според агенцијата на ОН, таа уште еднаш ги илустрира размерите на кризата што ја погоди сиромашната карипска земја, поткопана од банди и несигурност и со стотици илјади раселени луѓе.
Според преживеаните, пожарот избувнал на бродот кога патник запалил свеќа за да изврши вуду „церемонија“, а на бродот имало и бензин, изјави за AFP портпаролот на транспортната компанија.
Вуду обредите понекогаш ги практикуваат мигрантите кои одат на море со цел да ги заштитат премините и да ја избегнат крајбрежната стража.
Бродот со „повеќе од 80 луѓе“ го напуштил Лабади во северниот дел на Хаити и се упатил кон островите Туркс и Каикос, архипелаг оддалечен 250 километри, соопшти Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
Крајбрежната стража на Хаити спасила 41 мигрант за кои ИОМ се грижела, единаесет од нив се префрлени во болница на лекување, вклучително и поради изгореници, објави агенцијата на ОН.
Седум повредени лица се во тешка состојба, изјави Аролд Жан, портпарол на полицијата на Хаити во департманот Норд, опишувајќи дека имало „пожар проследен со експлозија“.
„Истрагата продолжува со цел да се најдат други преживеани“, нагласи тој, додавајќи дека истрагата е отворена со цел „да се идентификуваат и разбијат мрежите што ги организираат овие тајни патувања“.
„Социо-економската ситуација на Хаити е во агонија. Екстремното насилство во последните месеци само ги охрабри Хаиќаните уште повеќе да прибегнуваат кон очајни мерки за да ја напуштат земјата“, изјави шефот на мисијата на ИОМ во земјата, Грегоар Гудштајн