Најмалку четворица загинати при вооружен инцидент во училиште во Висконсин
Најмалку четири лица се убиени, а седум хоспитализирани по пукање во христијанско училиште во Медисон, во американската сојузна држава Висконсин. Осомничениот малолетен напаѓач е мртов, соопшти полицијата.
Надлежните моментално работат учениците безбедно да излезат од зградата и вратат дома. Во училиштето учеле 390 деца од градинка до 12-то одделение.
– Мое искрено сочувство и молитви за сите жртви на трагедијата во христијанското училиште „Abundant Life“. Ќе продолжам внимателно да ја следам ситуацијата, напиша на социјалните мрежи сенаторот Рон Џонсон, републиканец од Висконсин.
САД постојано се соочува со пукања во училишта, и бројките се многу повисоки од која и да било друга земја. Властите се борат да преземат мерки за справување со овој феномен, особено во однос на ограничувањето на пристапот до огнено оружје.