На маргините на општеството

Бидејќи, кога едно општество – да не речам држава – е тотално незаинтересирано што низ улиците на главниот град не така мала група „воинствени“ уметници и културни работници протестира со транспаренти, со мегафони, со говори, со скандирања, кога застануваат пред „барокната палата“ на Владата но оттаму никој не излегува, па се селат пред Министерството за култура но и таму ги пречекува само скулптурата на Сашо Саздовски пред влезот… кога медиумите не покажуваат ама баш никакво интерес за тоа што „цацко“ бараат овие млади луѓе од Струмица да протестираат во Скопје, и за што воопшто протестираат… кога дури и нивните колеги од главниот град не излегуваат да им дадат поддршка туку си седат на „работните“ места или низ кафулињата и индиферентно коментираат… е тогаш нешто не е во ред не со културата туку со општеството – да не речам државата. Зашто, во културата одамна нештата се прилично проблематични, речиси цели три децении, но особено од 2006 година, ама таа катастрофична состојба требаше да биде со рок на траење до 2017 година. Денес сме веќе 2021 година а нештата само ескалираат кон полошо. Зашто, во случајов, и истото е – полошо!  Следствено, ако со (барем дел) од културата е сепак се’ во ред – а тоа дефинитивно го докажува и овој протест низ улиците на Скопје пред неколку дена – тогаш проблемот мора да е на другата страна! Или – се лажам?

Ама не се лажам, бидејќи ако во периодот на злосторничкото здружение не смееше да се протестира, не смееше да се коментира, не смееше да се поддржува… зошто целата скопска (не)култура седи по кафулињата и ги остава колегите од Струмица сами да се борат за правото и правдата? Ако можеле колегите од театрите во Прилеп и Охрид да излезат и да им оддадат почит и поддршка, на скопскиве „фраери“ тоа им е под честа? Ама која чест, онаа малограѓанската, провинициската…? Или, повторно, во прашање е – страв, самоцензура, недоверливост…?

Не се лажам и затоа што ова општество стана поделено општество по сите основи, не само по етничка, партиска, патриотска/националистичка… ова општество стана поделено – етнизирано, партизирано, бизнисирано, патриотизирано – по сите шевови, така што и културата не можеше да не биде дел од тој процес. Но, во целиот овој период на самостојност, а особено од 2006 година наваму, културата континуирано и по сите основи (кадровски, програмски, финансиски, системски) трпи удари од партизираното политикантство што глуми политика, претворајќи ја културата во контролибилна аморфна маса на трпезата на македонските политиканти. Зошто, впрочем, протестот на угостителите би бил позначаен за општеството/државата од протестот на културните работници – во случајов од Струмица? И зошто никој не протестира што се затворени библиотеките а со полна пареа работат кафулињата, што театрите и музеите работат со скратено работно време или воопшто не работат ама меаните нон-стоп добиваат продолжени работни часови? И зошто за македонската аналитичка мисла е поважно се’ друго во државава – секакви партиски подметнувања, „предлозите“ на локални политикантски бараби или осудени криминалци, некакви „мали“ и „големи слики“ и штрумфовски скаски, небулозни коалиции итн. – ама бунтовниот вриеж во културата не е ни за на задната страна на актуелноста? Како нашиве „аналитичари“ умеат да шпекулираат за глобализацијата, за капитализмот, за соседите, за тоа што мислел овој или она, ама не гледаат што им се случува на улицата? И не ги интересира зошто? Што пак не’ води до прашањето: зошто културата постојано е „отпадник“ во ова општество, зошто секој ја маргинализира како што ќе посака, ја изгонува на периферијата на вниманието, и’ го одзема правото на глас, на постоење? Дали неразбирањето на културата, на уметноста, води кон нејзината маргинализација, кон инфилтрирањето на неуки луѓе на клучните раководни позиции што дополнително ја понижува и маргинализира оваа област? И што ќе се постигне со тоа, а веќе не е постигнато досега? Уште поголема периферизација, провинцијализација, умртвување на културата? Ни требаат уште фискултурци на директорски места во културата, уште економисти, уште правници, уште самопрогласени „ѕвезди“, шестокласни продуцентчиња, психо режисерчиња, разноразни други уличарчиња…? Ни требаат уште промашени годишни конкурси и приказни за мали деца за нашите успеси – во филмот, во театарот, во литературата…? Ние не можеме да бидеме културни граѓани ни во својата земја, камо ли во регионот, ЕУ, светот…Ние не можеме да стасаме ни до застарената теза дека човекот, граѓанинот, е центарот на културните збиднувања, не пак да говориме за Фуко и за културата како дел од структурата, од универзалното. Актуелните „идеи“ и „размисли“ за културата од официјалните лица платени за нејзиниот развој не’ враќаат половина век назад во некои волнени општествени времиња. Нам врвен дострел во културата ни е поделбата на парите, по можност без скандали, ама не можеме да видиме дека токму тоа, самото по себе, е најголемиот актуелен скандал во културата.

И навистина: повеќе од ова едноставно – нема! Дојдовме до дното. Или – можеме и подолу?  Ајде да видиме.

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close