Над 10 члена на криминална банда претепани и запалени од жители на кварт во главниот град на Хаити
Од полицијата не наведуваат како жители на квартот успаеле да дојдат до осомничените членови на бандата кои претходно биле приведнеи при проверка на минибус во кој се превезувале, а во кој било пронајдено оружје и друга опрема. Вчера Обединетите нации предупредија дека ситуацијата на Хаити станува загрижувачка поради зголеменото насилство кое се заканува да прерасне во вооружен конфликт
Повеќе од десетмина членови на криминална банда вчера биле каменувани и живи запалени од жители на населба во главниот град на Хаити, Порт о Пренс, пренесуваат светските медиуми повикувајќи се на извештаи на полицијата и очевидци.
Истиот ден Обединетите нации предупредија дека ситуацијата на Хаити станува загрижувачка поради зголеменото насилство кое се заканува да прерасне во вооружен конфликт.
Според информациите што ги пренесуваат светските медиуми, последниот брутален чин се случил откако полицијата привела повеќе вооружени лица при проверка на минибус во кој тие се превезувале.
„При проверка на минибусот во кој имало вооружени лица, полицијата запленила оружје и друга опрема. Освен тоа, повеќе од десет лица од тоа возило биле линчувани од жителите на квартот“се наведува во соопштението на полицијата на Хаити.
Сепак, како што пишува Би-би-си, од полицијата не наведуваат како жители на квартот успаеле да дојдат до осомничените членови на бандата и да ги линчуваат. Наместо објаснување, од полицијата, која не го соопштува точниот број на жртви, соопштиле дека во ниту еден момент не изгубила контрола над осомничените со кои се пресметале жителите на квартот Канапе Вест во Порт о Пренс.
Според агенциите кои се повикуваат на изјави на очевидци, на инцидентот му претходеле насилства и судири кои започнале вчера утро, според локално време, кога членови на криминална банда почнале да влегуваат во станбените области во главниот град на Хаити и да ограбуваат куќи и да напаѓаат жители.
„Утринава околу 3 часот по полноќ не разбудија истрели, бандите не нападнаа, слушнавме пукотници“,изјавил за АФП жител на населбата Турго.
Според Би-би-си во инцидентот биле претепани и запалени 13 лица, додека Гардијан наведува дека станува збор за 12 осомничени членови на банда.
Обединетите нации во извештај објавен вчера наведуваат дека несигурноста и насилствата во главниот град на Хаити достигнале ниво кое може да се спореди со она земји во кои беснее војна. Светската организација наведува дека бројот на убиства и киднапирања во земјата е во пораст.
„Народот на Хаити и понатаму е изложен на една од најтешките кризи со човековите права во последните децении и голема хуманитарна криза“се вели во извештајот на генералниот секретар Антонио Гутереш.
Од 1 јануари до 31 март, бројот на убиства во земјава е зголемен за 21 отсто во однос на претходниот квартал (815 наспроти 673), а бројот на киднапирања за 63 отсто (637 наспроти 391).
Хаити западна во зголемено беззаконие по атентатот на претседателот на земјата Жовенел Моиз што беше извршен во неговиот дом во јули 2021 година.
Според ОН, насилствата од бандите довеле до смрт на речиси 70 луѓе, меѓу кои 18 жени и две деца, само меѓу 14 и 19 април, годинава.
Многу училишта и здравствени центри биле принудени да прекинат со работа, а поради насилството пристапот до многу стоки и услуги е ограничен.
По атентатот на Моиз, карипската нација беше предводена од премиерот Ариел Анри, кој не успеа да ги заузда бандите кои сега контролираат околу 60 отсто од главниот град.
Анри и претставници на ОН постојано повикуваа на распоредување на меѓународни сили кои ќе и помогнат на полицијата во борбата против криминалните банди.
Досега ниту една земја не се понудила да ги предводи меѓународните сили кои евентуално би биле распоредени. САД се обидуваат да ја убедат Канада да ја преземе таа улога, но се соочува со отпор од страна на премиерот на Џастин Трудо, пишува Би-Би-Си.
Според премиерот на Хаити од суштинско значење е да се воведе ред во земјата за да може да се одржат долго одложуваните избори.