Не беше лесно да си Арсим Зеколи

Независните интелектуалци и мислители се толку многу маргинализирани што станаа невидливи. Само смртта ги вади од безначајноста во која ги фрлаат општеството и партиските селектори. Пишува Соња Крамарска
Арсим беше пребирлив човек и веројатно ќе најдеше мана на насловот на оваа колумна, во кој има доза на патетика. Но по веста за неговата смрт, и брзото поминување во мислите низ неговиот живот, толку колку што беше достапен за неговите познаници, некако тоа заглавје самото се наметна како приближно најточен опис на тоа што беше Арсим Зеколи во јавната сфера.
Некогаш познат како амбасадор, а во последните години како колумнист, мислител и полемичар, Зеколи стана парадигма за колумнистичкиот живот во нашето општество и пример за тоа каков однос има заедницата кон независните интелектуалци. Кон оние што не сакаат да го фатат микрофонот на ниту една партија, тежнеејќи да зборуваат само во свое име. Во таа смисла господинот Зеколи, дури и кога претеруваше со неговите оценки и квалификации за политичарите, остана уникатен во својот стил, а препознатливоста ја градеше преку неговите мајсторски дескрипции, убиствени јазични вратоломии и истенчено чувство за правилно и погрешно.
Дури на денот на неговата смрт дознавме дека по неговиот амбасадорски мандат во Виена, од ВМРО-ДПМНЕ во 2011/12 година, напиша Антонио Милошоски, бил предложен за прв амбасадор на Македонија во Норвешка. Но, коалицискиот партнер ДУИ го одбил тој предлог со образложение дека критикувал повеќе од што треба. Не е потребна посебна верификација на оваа случка, затоа што Арсим Зеколи навистина знаеше да критикува повеќе од што треба, но сосема сигурно ќе беше одличен наш амбасадор во скандинавската земја. Само требало да не критикува премногу, односно да критикува по мерка на тогашната партија во власта.
Високата цена на слободата
Неодговорно е да се каже дека системот ги убива луѓето како Зеколи, но неговото предвремено заминување говори за тежината на секојдневието со кое се соочуваат луѓето кои зборуваат гласно за работи за кои политиката сака да не се зборува. Слободата на говор навистина е загарантирана во нашиот Устав, но секој што живее од пишување за политика знае дека таа слобода има висока цена. Понекогаш се плаќа и со животот. Затворањето на вратите една по една и одземањето на шансите преку тивка селекција, се и одземање на шансите за пристоен живот и среќа.
Независните интелектуалци и мислители се толку многу маргинализирани во нашето општество што станаа невидливи. Само смртта ги вади од безначајноста во која ги фрлаат партиските селектори.
Во последната колумна за Дојче Веле, каде редовно изнесуваше мислења и ставови од 2017-2024 година, Зеколи ќе напише: „Таа токсична комбинација на умислено, благословено незнаење и наивно покривање преку копирање на незнаењето е печатот со кој се осуди нашето тапкање во минатото и имитирање на успехот”. Оваа негова констатација може да се позајми и како сведоштво за неговиот животопис, затоа што луѓето како Арсим Зеколи во Северна Македонија, за да се прикрие неуспехот на општеството, се истиснати на периферијата, од каде можат само да го гледаат имитирањето на успехот на другите.
Затоа беше тешко да се биде Арсим Зеколи. Мислителите и политичките аналитичари во нашата држава се пречка за политичките партии бидејќи чепкаат со своите острици по нивните недостатоци, слабости и пороци за кои не сакаат да се дознае. Како впрочем и политичарите кои ги изнедруваат партиите и кои ги запоседнуваат највисоките функции во државата.
Имаше и Зеколи свои слабости во неговата пишувачка мисија, знаеше да претера, да етикетира, понекогаш и немилосрдно да покаже со прст, но тоа само по себе не беше опасност како што е опасно кога тоа го прават оние што имаат моќ со едно мрдање со раката да ги сменат животите на луѓето. Тој не беше опасност за општеството, туку негова предност и глас кој одекнува кога повеќето молчеа.
Аналитичар на нашата стварност
Пред да падне во партиска немилост од сите страни и во сите етникуми, Зеколи беше македонски амбасадор при ОБСЕ во мандатот 2006-2009 година, а во еден период и шеф на мисијата на ОБСЕ во Туркменистан, со што беше и прв наш шеф на Мисија на ОБСЕ во трета држава.
За некои од македонскиот блок во подоцнежниот период Зеколи беше и „националист“, но тоа не е ништо во споредба со храброста да зборува отворено за сите теми дури и тогаш кога не ни се допаѓаа. Зеколи анализираше и опсервираше, но не хушкаше и не индоктринираше како што прават стратезите во затемнетите партиски комори. Беше пет години колумнист и во „Утрински весник“, каде за првпат дојде до израз неговиот раскошен јазик во описите на македонската политика, а јавноста го препозна како бескомпромисен аналитичар на нашата стварност, која во тие години беше мрачна и тешка.
„Интересот на наследениот естаблишмент да си ги сочува стекнатите профити и наследените аналфабетизми, определи македонскиот дел од општеството љубоморно да го чува и низ медиуми да го шминка фактичкото незнаење. Додека пак, интересот на новоформираниот албански естаблишмент, немајќи никакви искуства, се определи да го прифати како модел – и на албански да го преведе – незнаењето на моделот и истото да го претстави како пример кој треба да се следи”.
Така рече Зеколи во неговата последна колумна за Дојче Веле. И не погреши. Тоа важи и денес, две години подоцна. Ќе недостасуваат во јавниот простор неговата острина во политичките оценки, метафорите, чувството за политички нијанси, и пред сѐ новинарскиот јазик со кој „бараташе“ подобро и од самите новинари.






