Не сме веќе вазал на Вашинтон и на Брисел

Задача на мислечките луѓе е да ја соочат јавноста со тешки вистини. Во контекст на руската агресија врз Украина, таквите луѓе на Запад, денес укажуваат на тешката вистина дека европските држави се вазали на Америка. Вазал е збор, како што знаeме, кој доаѓа од Средниот век и се однесувал на лице кое добило земја и заштитa од господарот во замена за послушност и лојалност.

Денес, читам, дека со новата власт во Македонија завршува вазалскиот однос на нашата држва кон Вашингтон и Брисел. Веднаш и сега, пред Германија и Франција да се изборат за таквиот статус визави Америка? Хмммм. Доста сме биле вазал 33 години. Имаме и на што да се повикаме – меѓународното право.

Суверената еднаквост на државите е темелниот принцип на меѓународното право, ќе истакне де Вател во 1758 година и ќе го формулира вака: „Џуџето е подеднакво човек како и џинот; една мала република не е помалку суверена држава од најмоќното кралство“. Проблемот е што е ова формалниот суверенитет додека реалниот суверенитет во меѓународната политика се мери според економската и воената моќ да една држава. Големата сила како Америка може да ја проектира својата моќ во било кој дел на планетата земја, да нападне и да брани. Може да води војна било каде, додека војниците на малата држава, доколку таа би му објавила војна на Авганистан, на пример, ќе се загубат по аеродромите додека стасаат таму.

Во еуфоријата на изборната победа да внимаваме на проценките за меѓународната политика и за местото на Република Северна Македонија во неа. Една книга за економиите на земјите на Источна Европа од девeдесеттите вели дека само една работа е полоша од тоа овие држави да бидат експлоатирани од западниот капитал, а таа е – да не бидат екслоатирани од западниот капитал. За тоа треба да кажат економистите кои се во потрага токму таквиот капитал да дојде во нашата држава. Тоа го разбираме зашто се работи за наш економски просперитет за што се потребни странски инвестиции. А кога станува збор за нашата безбедност, најважната работа за секоја држава како и за секој поединец?

Нели може да се каже, по аналогија, дека единственото полошо за нашата држава од вазалство е да не бидеме вазал на Вашингтон и Брисел?

Во првите години од независноста, во пракса ги споредив македонските историски книги во кои пишува дека големите сили постојано „ја парчеле и ја делеле Македонија“ со горчливата реалност дека требаше да ги тегнам големите за ракав за да се змашаат и да не земат во заштита. Се изненадив дека е така, но и на тоа што се е човек спремен да стори за доброто на својата држава и народ. Нешто што никогаш не би го сторил за себе. Да рече;„Ве молам помогнете ни“. Го среќавам, во тие години, на еден од светските аеродроми, мојот колега Харис Силајџиќ, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, и го прашуваш „Шта радиш?“.

Ми одговара:„Ставим образ под ноге и молим за Босну“.

Но, дури ни молбите не ја спасија неговата држава од војна. Ние имавме повеќе среќа. Само луѓе кои минале низ ова искуство знаат за што зборувам. Националистички настроени поедници со големо его не разбираат па пишуваат сенешто.

Што лошо видовме ние како држава од нашиот вазалски стаус овие 33 години? Поддшка за политиката на независност преку мирољубиво самоопределување, членство во ОН, заштита на територијалниот интегритет на државата од НАТО трупи во 2001 преку воено присуство и мировен договор со Албанците, решавање на четвртвековниот спор околу „името“со мировниот договор од Преспа, членство во НАТО, поддршка за договор за добрососедство со Бугарија и „француски предлог“ со кој е симнато бугарското вето и отворен пат кон ЕУ, економска и друга поддршка… На ум ми доаѓа пословицата од детството: „Нашол па зашол“.

Денко Малески

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close