Небиднина

Ќе ми дозволите денес да го споделам моето видување за актуелната политичка состојба во Република Македонија за кое сум убеден дека не е само мое лично, туку е став што го дели мнозинството граѓани на Република Македонија.

Реалната политичка состојба во Македонија веќе е јасна. Владата предводена од СДСМ, во своите редови внесе нов коалиционен партнер, а тоа е Алтернатива, со што дефинитивно оствари парламентарно мнозинство во Собранието на РМ и легитимно може да ја води Владата до периодот на редовните Парламентарни избори. Што добивме, а што изгубивме со ова ново парламентарно мнозинство?

Најпрво ја погазивме демократијата, која како систем во Македонија се практикува на многу чуден начин. Убеден сум дека за иднината на Македонија, актуелниот Премиер во заминување Зоран Заев го направи последниот и најсрамен чин во неговото владеење. Купи четири пратеника со цел да ја искористи алатката собраниско мнозинство за да може тој и неговата партија да владеат без вистинска поддршка од нас, граѓаните. Во низата грешки што актуелниот Премиер ги правеше, ова е врв на неодговорност пред македонскиот електорат и останатите граѓани на Република Македонија. Локалните избори ја покажаа реалната слика колку граѓаните во Република Македонија имаат доверба во актуелната Влада. Со чинот на потпишана спогодба или договор меѓу Господинот Заев и Господинот Гаши е направен удар врз безбедноста на Република Македонија. Не е тајна дека албанските партии во така нареченото демократско-политичко миље во Република Македонија делуваат во интерес само на албанците. Со потпишаниот договор меѓу Заев и Гаши се отвора Пандорината кутија на меѓунационална нетрпеливост во Република Македонија. На партијата Алтернатива ѝ се доделува да раководи со три Министерства во Владата, да делегираат три заменици во останатите Министерства и згора на сѐ добиваат над 40 директорски места во државните претпријатија каде што, имајќи го на ум досегашното искуство, веројатно ќе бидат вработени само етнички албанци.

Причините за ваквиот чин на Господинот Заев не ми се познати. Што сака да покаже со овој негов маневар? Дека после неговот заминување од функцијата Премиер треба да настане потоп, катаклизма, небиднина? Да беше човек на место, веднаш ќе распишеше предвремени парламентарни избори. Очигледно оваа доблест не му е својствена.

Меѓународната заедница за сите овие мошне болни потези околу стабилноста на Република Македонија, молчи. Зошто молчи? Зошто не обзнанат дека начинот на кој што Македонија ја практикува демократијата не е демократија туку е автократија и криминал.

Почитувани пријатели, јас живеам со мојот Блерим, тој е мојот албанец. За мене мојот Блерим е човек со сите човечки вредности, јас го почитувам и сакам. Имам впечаток дека со потезите кои ги прави актуелната Влада сака да ми ги наруши моите односи со мојот Блерим. Убеден сум дека не сум единствен во Македонија кој има блиски и со респект односи меѓу различните ентитети кои отсекогаш, па и денес се реалност во нашето општество, меѓутоа факт е дека денеска сите етнички заедници почнаа да создаваат анимозитет не кон етничките албанци, туку кон нивните лидери при што тој мој албанец го ставаат да биде осудуван заради неговата привилегија што е она што е. Зошто ни го правите ова? Чуму ја отварате Пандорината кутија на меѓунационална нетрпеливост? Зарем мирот и соживотот не ви се поважни отколку омразата?

Почитувани читатели, алармирам до сите слободоумни граѓани во Република Македонија без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност дека мора да ставиме крај на овие лоши политики. Мирот и соживотот ни се приоритет. Да престанеме да размислуваме само за интересот на сопствените етнички заедници како кланови, бидејќи историјата покажала дека неможе да биде среќен и привилегиран еден ентитет во повеќе етничка држава на сметка на останатите. Мора да градиме држава во која што сите етнички заедници ќе се чувствуваат рамноправни. Време е да си заминат од политичката сцена не само лидерот на СДСМ, туку и многумина лидери од албанскиот политички блок, каде што во основа преовладува говорот на омраза. Со големо доцнење забележувам дека недостасува на политичката сцена партија од типот на ПДП, која беше мошне силна во раните 90-ти години од минатиот век,  која за жал отиде во историјата.

Упатувам силна порака до најголемите пријатели на Република Македонија да делуваат во интерес на стабилноста на Македонија и целиот регион, и да не дозволат да се засее семето на раздорот. Предвремените парламентарни избори се нужност. Јас ги доживувам како единствена алатка за излез од актуелната политичка состојба.

Почитувани пријатели, ајде да бидеме луѓе со чест и отворена мисла. Време е кога не смееме мислите и незадоволството да ги држиме во себе. Мораме во прво лице еднина да ги детектираме базичните причини или постулати врз кои треба да ја градиме нашата држава. Молчењето значи одобрување и со тоа даваме зелено светло на можни апокалиптични појави во нашата држава. Почитувани, ова е мој личен став. Би сакал да не е точен, ама животот и логичното размислување ме упатува на мошне сериозни последици по нашата безбедност, а вие размислете.

 

 Трифун Костовски

Back to top button
Close