Недолично е кога место топката се клоца противникот

Реакција на Ристо Никоски на колумната  “Фрустрациите на ‘патриотот’ Ристо Никовски“ на Мухамед Халили

Ако се реагира на некој текст, логично е тоа да се стори на истото место каде е и објавен. Ако таму не прифатат, се оди на друг медиум. Тоа непишано правило не го почитува Мухамед Халили кој, немајќи со што да ги негира моите аргументи, пишува за мои фрустрации и гнев, дека сум бил “патриот“ (во наводници) и “амбасадор на Глигоров во Москва“, што е глупава измислица (во Русија бев од 2004, кога претседател беше Црвенковски) и, на крајно мизерен и подмолен начин, го споменува мојот син. Тој, со статус на врвен светски консултант, којшто работи со “ПрајсвотерхаузКуперс“, најголемата консултантска куќа во светот, во Македонија ги донесе веројатно двете најважни странски инвестиции – “Костал“ и “Гентерм“, кои вработуваат преку 3.000 работници. Во мојот текст, јас никаде не спомнав дека биле вакви или такви мајката, жената или ќерката на Халили, доколку ги има.

Факт е дека во “инфомакс.мк“ објавив анализа за Советот на (квази!) амбасадори. Неспорен факт е дека тие се однесуваат како приврзок на Владата и ги поддржуваат сите  злосторнички потези на власта, погубни за македонскиот народ. Еден од доказите за тоа е и нивната средба со премиерот, којашто им беше специјално признание за улогата која ја играат. Таа ќе беше незамислива ако Советот, безусловно, не ја поддржуваше власта.

Халили не треба да се радува на “комплиментот“ дека, “последниве години Советот игра нагласена улога“. Напротив. Тој е формиран со цел “квалификувано“ да се поддржуваат погубните надворешно – политички потези на власта. Измислен е бидејќи главните злосторства против народот и државата, власта сега ги прави токму на меѓународен план. И, логично, (квази!) амбасадорите се јавуваат со аплауз, по секоја наша дипломатска катастрофа. Демек, експертите стојат зад власта. Така беше по Нивици, така беше во врска со “заедничката историја“ со Бугарија, а така е и по нашето погубно игнорирање на жестоката агресија од Софија, која отворено сака на светот да му докаже дека не постоиме како Македонци, дека нема македонски јазик, ниту македонска историја… Нашите политичари молчат, како да се глуво – неми и слепи а, пред се’ – недоветни но, тука се (квази!) амбасадорите коишто, свесно или не, лажат дека тоа се големи дострели на предавничката власт. Ништо чудно – луѓето лојално си ја исполнуваат доделената функција.

Врвот на сервилноста на (квази!) амбасадорите, дојде со “француската“ предлог ујдурма за бугаризација на Македонија. За овие апологети и лојални слуги на власта, нормално е Македонија да стане бугарски протекторат! Ако тие беа вистински амбасадори, ќе излезеа со длабинска анализа на фашизоидниот предлог, ќе ја објаснеа неговата суштина, и ќе ни ги отвореа очите, за опасностите коишто се добро спакувани и коишто ќе не’ водат во нови катастрофи. Место тоа – ќе цитираме само една нивна реченица – “Најзначајно за нашите граѓани е тоа што со ‘францускиот предлог’ се зацементирани и гарантирани македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“!? Господе, Боже! Поголема измислица и будалштина од тоа – не може да се замисли! Да објаснеа, барем, како тоа го гарантира и цементира ЕУ? Со закон или со “жими мајка“ на Урсула фон дер Лајен? Срамно, понижувачко, недостоинствено…

Тие се резил за нашата дипломатија. Впрочем, за да се согледа подмолноста на спомнатите договори, како и на бугарскиот предлог во француско “пакување“, и не треба никакво дипломатско искуство. Доволно е само малку здрава “селска“ логика, или грам акал со минимум аналитика, и се’ станува јасно. Се разбира, ако нема политички калкулации, како кај (квази!) амбасадорите. Прав амбасадор, кога ќе го види и само насловот на договорите, се’ ќе му биде јасно. Зарем е можно со држава која не те признава дека постоиш како народ, јазик, историја… да се потпишува договор за пријателство? За какво пријателство се работи? Тоа не го прави никој нормален. А војната, којашто во последно време ја води Софија со Македонија, мора веднаш, без размислување, и со гнасење да се осуди.

Нивното досегашно однесување дефинитивно покажа дека не се дипломати ама, ако веќе се замислуваат за амбасадори, мораат да го знаат барем основното правило на службата. Тоа се еднаквоста и реципроцитетот во односите со сите држави и дека од него нема отстапување по никоја цена, освен ако си поразен агресор во војна. Ако тоа им беше јасно, ќе беа свесни дека договорите и од Нивици, и со Бугарија се навредливи и понижувачки за Македонија. Жестоко ќе ги осудеа бугарските игнорирања на се’ македонско преку нивното невидено и не чуено отворено плукање на македонизмот, што значи на сите Македонци. Се’ што правеше власта на овој план последниве години беше навредливо за земјата и особено за македонскиот народ. А Советот, гласно аплаудираше! Целосно е на линија на власта! А, самиот факт што нашите умници од власта преговараат со друга држава за името, за нашиот идентитет, за мајчиниот јазик, за нашата историја… заслужува жестока осуда. Место тоа, кисинџерчињата од Советот, викаат – браво! Неверојатно! Нивната поддршка на овие срамни исчекори значи дека тие ја резилат титулата со која очигледно се гордеат, како и самата професија.

Во Македонија, се’ е девалвирано и тоа апсолутно важи и за дипломатската служба. Голем дел од нашите амбасадори, не се дипломати од кариера, што значи дека се регрутирани по партиска линија. Дури и не се крие дека амбасадорските места се делат меѓу партиите од власта, со што на најгруб начин се игнорираат институциите и самата држава. Така, најлесно се вдомуваат партиските пулени. За последиците по државата, не се води сметка. Имаме продукција на амбасадори, коишто се без грам соодветно искуство. И тоа во период од 30-тина години, кога суштината на сите наши проблеми е токму од дипломатски карактер.

Советот, нели, ќе каже и по некоја критика на власта, за мижи да те мамам, ама недозволиво е да се прифаќаат политики со кои се оспорени фундаментите на македонизмот, и на македонската држава во целина. Под такви понижувачки услови, членство во ЕУ не може да биде никакво оправдување, уште помалку некаква возвишена цел.

Ристо Никовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close