Недоверба за иселување

Во високоразвиените демократии обично се вели дека довербата во институциите брзо се уништува, но за да се изгради повторно е потребно време. Кога станува збор за Македонија, тешко би било да не се согласиме со вицепремиерот Фатмир Битиќи, кој тврди дека не може да се креира доверба во македонските институции бидејќи таа никогаш не ни била изградена на задоволително ниво, туку е констатно нарушена, веќе 30 години, па и повеќе. 700.000 граѓани заминале од државата во последната деценија, а, според Битиќи, главната причина е раширената недоверба во институциите.

Ако би се кажало наједноставно, довербата се гради така што работите се прават на вистински начин и функционираат според очекувањата. Мнозинството луѓе сакаат институциите да функционираат правилно и коректно во согласност со законите и регулативите, но притоа да го прават тоа на начин со кој се покажува респект за ситуацијата и потребите на секој поединец, обичен граѓанин.

Во случајот на Македонија тоа ни од далеку не е така, туку функционира според типичниот израз на утринско (не)расположение меѓу луѓето, при што со намуртена фаца се вели: „Бркам работа по шалтери“. Тоа најчесто се толкува во преносна смисла, дека ако сакате да завршите и наједноставни работи во институциите, најдобро ќе биде да „подбркате врски“, да ви помогнат да се провлечете меѓу бариерите пред замандалените врати на администрацијата. Во спротивно, ќе се вртите како вејка на ветрот низ ходниците.

Споредбите со развиените држави, како и обично, се неблагодарни. Но вреди да се погледне малку кон состојбите во однос на довербата во институциите, што доаѓаат до израз во западните земји. Политичките дискусии за стратегијата на владите и институциите во повеќе западни ЕУ-членки прилично се засилија во периодот на справување со последиците од корона-пандемијата. Критиките, и во медиумите и од страна на опозицијата, покажуваат дека дури и минимални недоследности во однос на една таква сензитивна општествена проблематика влијаат на намалување на довербата во функционалноста на институциите.

 

Лани во Шведска испитувањата на јавното мислење покажаа дека довербата во владата паднала за 15 проценти, а во Заводот за општествена заштита дури и за повеќе од 20 проценти. Главниот заклучок околу ваквите промени на јавното мнение е дека напоредно на зголемените рестрикции поради ригорозните мерки во борбата против пандемијата, големо внимание во јавноста, со видна доза на разочарувања, привлекоа непочитувањата од страна на некои министри на рестрикциите за пазарење божиќни подароци во трговските центри. Некои од нив дури заминаа и на Канарските Острови, сфаќајќи го тоа како „заслужен“ одмор, додека на обичните шведски граѓани јавно им беше препорачано да се воздржат од божиќни посети дури и кај најблиските роднини во соседната општина. Заклучокот е мошне јасен, иако можеби звучи како клише, посебно кога се во прашање политичарите: „Живеј и однесувај се онака како што проповедаш и ги подучуваш другите“. Министрите насекаде во извесен „момент на слабост“ си дозволуваат да го заборават тоа старо правило.

Ако на мнозинството шведски граѓани, кои имаат доволно сопствени средства да си го платат патувањето до Канарските острови, им се труби секој ден да го заборават одморот во текот на пандемијата, зошто еден министер, државен секретар или генерален директор да биде попривилегиран. Довербата во такви околности, се разбира, не може да а да не се срози, барем привремено. Тешко се гради, но лесно се уништува.

Во ЕУ во последните гоини големо внимание се посветува на испитувањата на нивото на довербата во институциите. Анкетите покажуваат дека локалните и регионалните власти се она ниво на власт што ужива најголема доверба. Причината е едноставна – локалната власт е дел од секојдневниот живот на луѓето, може да ги задоволува потребите и да дава соодветен одговор на нивните желби. Локалните и регионалните избрани функционери спроведуваат 70 отсто од регулативите на ЕУ во земјите-членки.

Но едновремено, кога се разгледува нивото на довербата во институциите, неретко се констатира дека факторите како „еднаков третман“, „добро ниво на услуга“ и

„исполнувањето на она што се ветува“ сепак имаат неутрален ефект. Овие фактори, вусшност, ниту ја зголемуваат, ниту на посебен начин ја намалува довербата. Но, еден фактор што се дефинира како „одржување на етиката и моралот“, има посебно позитивен ефект врз довербата.

 

Се чини дека ова е сосема разумно. Администрација што едноставно си ги извршува своите обврски и задачи и ја почитува регулативата вообичаено не добива ни позитивни ни негативни поени, затоа што тоа е она што луѓето го очекуваат. Непочитувањето на правилата дефинитивно би ја намалило довербата, но доколку само се прави она што во нормални услови и се очекува, тоа сепак не дава некакви позитивни ефекти. Луѓето едноставно поаѓаат од тоа дека администрацијата правилно си ја врши својата работа.

Одржување на моралот на високо ниво, врз кое ќе се темелат здравите вредности во општеството, подразбира жестока и бескрупулозна борба против корупцијата. Македонската администрација страда од негативен печат во тој контекст. Многумина македонски граѓани не можат да замислат да одат на одмор дури ни до Охрид. Но сигурно не пропуштиле да го складираат во своето депо на изневерени очекувања и изгубени илузии фактот дека македонските државни функционери, слично на споменатиот пример со шведските, во екот на пандемијата избираа луксузни патувања кон далечни дестинации на други континенти, додека за нивните поданици важеше неколкудневна велигденска или новогодишна забрана на напуштање на нивните стамбени кафези. Споредбите не се добри, но понекогаш кажуваат многу.

Меѓу оние 700.000 иселени македонски граѓани, за кои зборува Битиќи, сигурно има многумина, посебно млади образувани луѓе, кои воопшто не го почувствувале тој значаен миг на доверба, што, како посакуван амалгам од соништата, се воспоставува меѓу поединецот и институцијата. Нема лесен пат за градење на довербата. Таа мора навистина да се заслужи, со секој нареден ден и со сето она што се прави според мерката на човековите секојдневни потреби. Толку едноставно, и толку тешко, е тоа.

 

Ивица Челиковиќ

 

 

 

Back to top button
Close