Нема да се одржи рочиштето за убиствата на Вања и Панче – адвокатот на Палевски не можел да дојде на судење
Нема да се одржи закажаното рочиште на кое требаше Љупчо Палевски-Палчо да продолжи со давање исказ за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Утринава, судот добил известување од адвокатот на Палевски, дека не е во можност да присуствува од здравствени причини.
Поради тоа, ќе се донесе решение за одлагање на расправата, а наредбите за спровод на Палевски и обвинетите Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски ќе бидат отповикани од судијата Ивица Стефановски. Отповикана, ќе биде и наредбата за спровод на Александар Ѓорчевски од куќен притвор. „Скопје1“ побара став од адвокатот Страшевски, но до моментот на објава на текстот – не добивме одговор.
Според досегашната динамика на судењата, расправите требаше да завршат до крајот на месец мај, а веќе во јуни да може да се донесе пресуда. Одлагањата на рочиштата од било која причина ќе го успорат процесот. Палевски претходно имаше двајца адвокати, но еден од нив, Маријан Витанов, се откажа. Остана Страшевски.
Во поткастот „Претрес со Ландов“ тој кажа дека го брани Палевски поради уверувањето дека е невин. Истовремено, беа анализирани сите докази кои укажуваат дека Палевски учествувал во делата.
На следното рочиште, исказ треба да продолжи да дава Палевски, како и да одговара на прашањта од Обвинителството.