Нема демократија во пандемија

Минатата недела Европскиот Суд за човекови права донесе пресуда во корист на државата (Чешка), по апликацијата (тужбата) од страна на некои семејства од Чешка кои се жалеа на тоа дека државата донела одлука за задолжителна вакцинација кај децата.  Оваа пресуда не се однесува директно на задолжителна вакцинација против Ковид  19, но секој си го толкува понатаму  на свој начин околу тоа какви реперкусии ќе има оваа пресуда. Имено, пресудата беше во корист на државата, односно се однесуваше на тоа дека државата има право да донесе одлука за спроведување на задолжителна вакцинација. Пред некој ден во Република Србија беа уапсени околу петмина организатори на протести против вакцинирање на населението, оние “антиваксери“ што ги викаат, се испостави после како што прочитавме во медиумите дека двајца од нив биле вакцинирани веќе против Ковид, а таму рипаат, протестираат и ги лажат граѓаните со разни глупости и полуинформации, тоа е, лудило друже на сите страни. За жал и кај нас има многу вакви  слични ликови.

Да, точно е, нема демократија во пандемија, така е тоа секаде во светот.

Пред неколку дена министерот за здравство Венко Филипче изјави дека по разговорите кои ги имал со приватните клиники околу намалување на цените за лекување на болните од Ковид 19, немало расположение за тоа, (освен една клиника) затоа што немале економска исплатливост, односно немало економска логика, како што велат тие, ма пази молим те. Прво да се разбереме, Венко е одличен министер, абе човекот изгина работејќи ден и ноќ и не застана од како почна пандемијава, се соочува секојдневно со разни опструкции, знам дека не му е лесно, но овој пат погреши во разговорот со газдите на приватните клиники. Нема демократија во пандемија, нема убави зборови, нема укажување, нема молби околу тоа дали сакаат или не сакаат и дали имаат економска логика кога луѓе ни умираат секој ден. Министерот треба да ги седне “газдите“ и да ги истресе од гаќи. Точно е дека во една правна и демократска држава нема законски механизам да им наметнете нешто на приватните компании, но во една ваква ситуација може да разговарате со нив на повисок тон и да им дадете еден ултиматум и да им нагласите за тоа како државата ќе се однесува кон нив доколку тие не се солидарни сега во овие тешки времиња, да баталат заработка и економска логика, нема логика тука, потребно е помош и солидарност. Така е тоа во сите европски држави, едноставно нема демократија во пандемија, така функционира светот.

Често сум пишувал за тоа во моите колумни дека во политиката секогаш подобро поминуваат оние на кои им се плашат од колку оние кои луѓето ги сакаат. Така било и така ќе остане. Знам дека во едни вакви сложени околности на демократските влади им е многу потешко од колку на авторитарните влади. Почитувањето на правилата и процедурите се неопходни и важни, но мора да го повишиме тонот и да удриме на маса, сепак има време кога ќе бидеме големи демократи, сега во пандемија мора да се удри на маса и да се каже вака ќе биде и точка. Убеден сум дека во наредниот период министерот аи другите членови на владата ќе го направат тоа, ќе удрат на маса барем во наредниве месеци додека трае овој пик на коронава. Друг избор нема. Инаку пискотниците на будалите ќе ги надвладеат. Не треба лесно да му се простува на никого. Особено на оние кои сакаат сега во оваа ситуација да не почитуваат ништо и да предизвикаат хаос насекаде, тоа не смее да се дозволи, затоа што никој нема да и го прости тоа на владата, особено нема да и простат оние кои ќе продолжат да врескаат на цел глас  дека владата е неефикасна и не ја бива.

Во моментов се соочуваме со нешто што до сега во самостојна Македонија ниту една влада, ниту една политичка партија се нема соочено. Тешко е, многу е тешко, не сме имале како држава никакво слично искуство со вакви настани па да знаеме како треба. Се бориме со една страшна  пандемија која го зафати целиот свет, за прв пат нашиот здравствен систем и нашите институции се справуваат со вакво нешто. Абе не сме виделе до сега нешто слично и дај боже да не видиме повеќе вакво нешто. Многу посилни европски држави и влади со многу поорганизиран здравствен систем се на колена. Со овој капацитет кој го имаме во нашето здравство се уште се држиме и функционираме, некогаш подобро некогаш полошо но се уште не сме на колена и тоа мора да и се признае на државата, кој сака нека каже. Лесно е таму некои мрчатори и ебиветровци секој ден да наоѓаат некои забелешки и мани за било што, нека одат да видат како е во болниците и амбулантите.

Токму затоа, во периодот кој следи пред нас, во овие два три месеци, треба да се седне и на многу луѓе да им се каже тоа што треба. Треба да им се каже дека во овие неколку месеци сите ќе бидат во служба на државата во справувањето со оваа пандемија, а не во служба на својот интерес и својата економска логика. Било да се големи бизнисмени или газди, било да се големи директори, кои знаат да плачат како п…и кога треба државата да им излезе за нешто во пресрет, кога ќе заглават во некои финансиски проекти па да плачат таму во УЈП, тоа знаат а сега ми продаваат економска логика, гитла бе таму, треба разумот и солидарноста кај сите да преовладуваат, ако не “милом или силом“ како што викаат Србите. Онаа “луда“ опозиција човече секој ден држи прес конференции за тоа колку луѓе починале, чувај боже што би рекле луѓето, ако мислат дека вака се профитира политички баш гадно се заебале. Опструираат се и сешто во Собрание, па чекаат сега со нив во време на пандемија премиерот да седне и да преговара за блокадата не економскиот пакет мерки, абе одат против сопствените граѓани и компании кои чекаат некој денар да земат за да опстанат, невидено нешто до сега, многу тажно и опскурно чувство за водење на политика што го нема никаде. Ништо не прават со тоа. Саботираат полициски акции што се работат неколку години со тоа што нивни луѓе од МВР им предаваат документи па го претставуваат тоа како оваа власт да дели пасоши на криминалци. Абе будалаштина, демек земал министерот и давал пасоши на криминалци. Неговата одговорност е да ги открие тие кои го правеле тоа и да ги процесуира, што и гледаме дека се случува. Да,точно е, во овој изминат период откриена е голема злоупотреба од страна на службеници во управните служби на МВР кои за големи пари издавале патни исправи на лица кои не смееле да го добијат тоа, но за тоа се одговара и се оди во затвор како што впрочем се случува, затоа е започната оваа акција пред две години со помош на нашите стратешки партнери кои и го потврдија тоа, не знам на кого што не му е јасно. Па нели не знаеле Американците викаа, односно не соработувале во акцијата, ама ете испадна дека знаеле и тесно соработувале, кој ќе се извини сега. Вчера слушнав повторно нешто од тој центар за лаги и измами, веќе станаа и одвратни тие лажни вести, замислете Американците односно нивната служба за борба против наркотици ДЕА, ја водела вчерашната операција и го уапсила командирот на ПС Прилеп па после тоа им се јавиле на нашите од МВР, абе вакви будалаштини за мали деца не знам како им текнува, зар некој верува во ова. МВР ја водеше целата операција, секако заедно со ДЕА. Да точно е, има полициски акции, се апсат актуелни командири кои го прекршиле законот, обвинителството влегува во владата да истражува против генералниот секретар, па кај било така порано, ајде да бидеме искрени пред себе, сепак институциите функционираат. Се согласувам дека после ова е потребен голем ремонт и чистка во тие служби на МВР кои издаваат  патни исправи.

Токму затоа, демократијата и слободата на некој начин државата принудно ги ограничува во едни вакви околности, ќе имаме некој вид на вонредна демократија или “оскудација“ на демократија на одредено време. Така е тоа секаде во светот и во најдемократските држави. Кога велам дека нема демократија во пандемија не мислам буквално на тоа дека сега треба да воведеме репресија, не напротив, само треба да ги затегнеме механизмите на носење брзи и ефикасни одлуки по кратки и ефикасни процедури, да не молиме и не прашуваме никого за тоа дали сака или не сака, дали може или не може, едноставно тоа е.

Но и ова ќе помине. Убеден сум дека со една посилна и поодговорна соработка и солидарност, сега кога веќе пристигнуваат вакцините од сите страни, со спроведување на организирана и масовна вакцинација на населението, со спроведување на една силна кампања за мотивирање на населението да се пристапи кон вакцинација, со изразена силна спремност за почитување на мерките од страна на граѓаните, полека и постепено ќе излегуваме од оваа здравствена криза.

Ќе успееме во ова, мора да успееме.


м-р Глигор Стоименов

                            

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close