Нема отстапки без резултати или нема резултати без отстапки? Ќе да е второво
Денко Малески
Како некој кој го поминал најтешкиот дипломатски пат на нашата држава до нејзината независност, на изјавата на младиот министер за надворешни работи на Македонија дека „нема веќе отстапки без резултати“ можам да одговорам со: Нема резултати без отстапки.

И не само што нема , туку никогаш немало и никогаш нема да има резултати без отстапки. Така е тоа во меѓународната политика, особено за малите држави чие единствено оружје е дипломатијата, второто име отстапки. Признавам, времињата се променети. Ова не е време кога, една непризнаена територија бараше меѓународно признавање и членство во ОН. Сега сме меѓународно призната држава , членка на ОН и на НАТО. Но, тој факт не треба да не залажува: опасности демнат од сите страни. Завршува „американската ера“ а мултиполарниот свет се раѓа крваво. Ништо на меѓунардоната сцена не е исто ниту вечно: држави се раѓаат, држави умираат. Така,ова не е веќе Америка од времето на „хегемонскиот мир“, ова не е ЕУ од неговите „златни времиња“, ова не е ОН кој го бранеше мирот со меѓународното право… Дури и во тие времиња на владеење на меѓународното право и на демократскире вредности, не беше баш така. Постоеше јаз помеѓу прокламираните принципи и реалностите на меѓународната политика во која и натаму силните го правеа она што можеа а слабите она што мораа.
Денес, живееме во свет во кој се водат две опасни војни, една на европскиот континет а друга на Блискиот исток, кои можат да резултираат во светска војна. Само тоа е доволно нашите политичари одново, како ние во деведесеттите, да се будат „со нож под грло“, загрижени за опстанокот на државата. Но, како и европските и нашите политичари страдаат од некаков чуден синдром на безгрижност. И едните и другите се неустрашливи, убедени дека се е под нивна контрола. И едните и другите им пркосат на реалностите со принципите на меѓународното право. Така, европските политичари никако да разберат дека во Украина си имаат работа со нуклеарна сила, чии безбедносни грижи мораат да ги земат предвид, и продолжуваат да ја финансираат војната против Русија. Свеста дека мораат да ја активираат дипломатијата и да преговараат со Москва толку споро се развива, што, ако продолжат со провокациите, лансирајќи илјадници дронови длабоко во руската територија, руски ракети можат набргу да полетаат и кон цели во Западна Европа.
Добро, ама Македонија е мала и мирољубива држава која не е закана за никого. Така се зборуваше и во времето на четвртвековниот спор со Грција. Но, се додека тој не се разреши со Преспанскиот договор, немаше мир со Грција. Односите се нормализираа со ваемни отстапки, далеку поголеми од наша страна. Во принцип, истата приказна ќе се повтори и во односите помеѓу Северна Македонија и Бугарија, зашто до резултати се доаѓа само преку отстапки а не обратно.
Корените на тоа поведение некои ги наоѓаат во фактот дека тие се растени во „американската ера“ и дека реалностите на војните им се тотално непознати.
Зaтоа, да не си ја туркаме среќата предалеку, вели една американска поговорка.






