Нема решение за балансерот ниту во новата Стратегија за реформа во админситрацијата
Нема решение за балансерот ниту во новата Стратегија за реформи на јавната администрација откако Македонци почнаа да се пишуваат Албанци, Роми, Срби и друго, со цел да се вработат на некоја позиција во јавниот, државен апарат.
– Балансерот во моментов се анализира од технички аспект. Исто така, правиме анализа колку балансерот бил злоупотребен од институциите, поточно од граѓаните коишто аплицираат во тие институции. Знаете, законско право немаме ни ние како институција, ни во институциите во кои тие се вработуваат да се мешаме кој како се чувствува. Таа злоупотреба се прави заради, тој пристап наш како граѓани за жал, и во моментот немаме решение, немаме решение за промена на балансерот со некој друг елемент, методологија или софтвер. Но, во иднина ќе мора да размислуваме во таа насока, изјави министерот за информатичко општество и админситрација, Азир Алиу.
Новата Стратегија предвидува целосно реформирање на јавната администрација до 2030 година. Ресорното Министерство изработи стратегија на 160 страници која, според документот, ќе придонесе до департизирана, професионална и стручна јавна администрација.Според првичните проценки на Министерството, оваа реформа граѓаните ќе ги чини најмалку 5.5 милиони евра.