Нетанјаху свика консултации во врска со прекршувањата на примирјето од страна на Хезболах

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за денеска свика безбедносен состанок во врска со наводните прекршувања на примирјето од страна на либанската милитантна група Хезболах, поради што неговото сведочење во кривичен судски процес е откажано.

„Тајмс оф Израел“ објавува дека Нетанјаху се консултира со безбедносните сили во врска со повторените напади на Хезболах врз израелските трупи и територија во услови на прекин на огнот.

Израел изврши бројни напади врз проиранската група од почетокот на прекинот на огнот, тврдејќи дека нејзините членови го прекршиле примирјето, додека Хезболах, исто така, ги наведе прекршувањата на примирјето од страна на Израел како оправдување за своите напади.

Утрово, дрон за кој се сомнева дека е лансиран од Хезболах од Либан активираше сирени во Западна Галилеја во северен Израел, а Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека е изгубен контактот со „сомнителна воздушна цел“, што укажува дека веројатно се урнал.

Нетанјаху денеска требаше да сведочи пред судот на неговото судење по обвиненијата за корупција, измама, злоупотреба на службена должност и поткуп, по двомесечна пауза поради војната во Иран, но неговото сведочење беше откажано утрово од безбедносни причини, на барање на неговиот адвокат.

Back to top button
Close