Независниот синдикат на професионални војници обвинува: Над 3.000 тужби против Министерството за одбрана за неполни две години
Независниот синдикат на професионални војници упати сериозни обвинувања кон Министерството за одбрана, тврдејќи дека јавните изјави на министерот Владо Мисајловски за почитување на Колективниот договор и намалување на бројот на тужби не одговараат на реалната состојба.

Претседателот на синдикатот, Александар Насковски, тврди дека според податоци од Државниот завод за ревизија за 2024 година биле евидентирани 1.221 нови тужби против Министерството за одбрана, додека во текот на 2025 година, според синдикатот, бројот пораснал за околу 50 проценти и достигнал 1.829 нови тужби.
Според изнесените податоци, само на подрачјето на Скопје има 472 тужби, додека во останатите 15 градови се евидентирани уште 1.357 нови тужби.
Од синдикатот оценуваат дека ваквата состојба е доказ дека не се почитуваат Колективниот договор, Законот за служба и Законот за работни односи, при што предупредуваат дека судските постапки може да предизвикаат дополнителни финансиски последици за државниот буџет.
„Со вкупно 3.050 тужби заклучно со 1 јануари 2026 година, Министерството за одбрана би можело да се соочи со милионски судски трошоци, а заедно со исплатите кон вработените сумата би можела да надмине 20 милиони евра“, се наведува во реакцијата.
Синдикатот поставува повеќе прашања до Министерството за одбрана, меѓу кои зошто е дозволено повторно зголемување на бројот на тужби, зошто не се почитуваат законите и колективниот договор, како и дали постои намера буџетот да биде насочен претежно кон вооружување и опрема, наместо кон човечки ресурси.
Во соопштението се наведува и дека во изминатиот период, според нивните тврдења, социјалниот дијалог бил заменет со игнорирање, навреди и клевети.
Од синдикатот оценуваат дека состојбата во Армијата се движи во погрешен правец и упатуваат повик до премиерот Христијан Мицкоски да ја преиспита работата на министерот за одбрана Владо Мисајловски.






