Ни треба ли нов медицински факултет?

Недостатокот од доктори драматично ќе расте, па ако оставиме се на случајност, многу брзо, ќе се разбудиме поразени од фактот дека доктори ќе нема ни за лек!

Предалеку, престари, премалку: Европа останува без доктори! Ова е насловот на една статија која неодамна ја прочитав на угледниот Политико. Во Европа недостасуваат околу 2 милиони здравствени работници. Како здравствени работници се сметаат покрај лекарите и сестрите, лаборантите, болничарите и останатиот медицински персонал. Но сепак бројката од 2 милиони е застрашувачка. Официјалните бројки покажуваат дека само NHS во Англија има слободни работни места за над 10.000 лекари. Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека има глобален недостиг од 4,3 милиони лекари, медицински сестри и други здравствени работници. До 2025 година, се предвидува дека побарувачката за лекари во Соединетите држави ќе ја надмине понудата за 90.000 лекари. Ако на Европа и недостасуваат лекари, ако Англија и Америка имаат потреба од стотици илјади лекари, тогаш јасно е дека многу македонски доктори ќе заминат од Македонија во наредниот период. Ова од причина што никогаш ние нема да можеме да ги платиме лекарите толку колку што ги плаќа Европа, исто како што Европа нема да може да ги плати своите лекари толку колку што тие се платени во Америка.

Затоа одлучив оваа колумна да ја посветам на еден одличен и стратешки многу важен проект кој го започнавме во последните месеци од мојот мандат како министер за здравство и кој од тие причини и не успеавме да го реализираме. Проектот потоа застана.

Нов медицински факултет Д-р Христо Татарчев. Ова беше една идеја на која напорно работевме во Министерството за здравство во втората половина на 2016 година. Идејата беше да биде поврзан со медицинскиот факултет на Универзитетот Сапиенца во Рим (наречен едноставно Сапиенца или Универзитетот во Рим). Сапиенца е еден од најголемите европски универзитети според бројот на уписи и еден од најстарите во светот, основан во 1303 година. Се сретнав со ректорот на универзитетот, му ја претставив идејата и на взаемно задоволство почнавме да работиме на реализација на овој исклучително значаен проект. За жал политичките настани во тој период и фактот што не составивме влада по изборите во декември 2016 година, го фрлија овој проект во заборав. Се обидов потоа во неколку наврати да ја поттикнам и следната влада да го продолжи овој проект, но за жал, не успеав.

Прелистувајќи по личните белешки, пронајдов една од 28 јуни 2016 година. Оваа листа, нешто пред полноќ тој ден, ја испратив на мојот тим во министерството.

Новиот медицински факултет:

1. да биде комплетно бесплатен за македонски студенти;

2. да има тежок влезен испит (стручен испит);

3. студентите да имаат одлично познавање на англиски јазик;

4. во првата година да се запишат 50 студенти, а да се предвидат и 10 места за студенти од странство;

5. да има загарантирана државна специјализација за завршените студенти;

6. најдобрите 10 студенти да имаат загарантирано вработување на универзитетот, клиника мајка Тереза, болница Козле и ГОБ 8-ми септември;

7. студирањето да биде проследено со многу практична работа. За таа цел да има програма, како на Сапиенца или некој универзитет од топ 10 медицински факултети од САД.

8. Професорите да бидат од Сапиенца или наши професори кои предаваат во странство.

9. асистенти, да можат да бидат само со просек на медицински над 9.5, со одлично познавање англиски јазик и под услов да не се во роднинска врска со професор на медицински.

10. наш професор на овој факултет ќе може да биде само ако завршил на новиот факултет, или на некој од топ 200 медицински факултети по Шангајската листа, и под услов ако докторирал на некој од топ 200 медицински факултети во светот според Шангајската листа или на универзитетот Сапиенца.

11. со Сапиенца да се договориме веднаш да ни примат доктори на докторски студии кај нив, ние се ќе им покриеме. Да примаат барем 5 годишно, во период од најмалку 5-6 години.

Македонските болници се празнат- од лекари

Ова се првите единаесет од вкупно дваесетината точки од оваа белешка. Идејата беше ГОБ 8 Септември да стане втор клинички центар, како клиничка база на новиот медицински факултет. Новиот медицински факултет, каде, според нашата замисла, наставата требаше да ја држат професори од медицинскиот факултет на Сапиенца, на англиски јазик, требаше да биде интернационален, со студенти од Македонија и странство, што многу брзо овој медицински факултет ќе го лансираше помеѓу првите 500 најдобри медицински факултети во светот. Проектот предвидуваше силна научна активност, со тоа што предвидувавме да има посебна програма од МЗ за научна работа и проекти, со цел финансирање на заеднички научни проекти со универзитетот Сапиенца. Предвидувавме обврска за секој доктор кој работи на факултетот да мора да објави најмалку еден труд со импакт фактор годишно или да учествува во најмалку еден меѓународен проект со универзитетот Сапиенца или некој друг медицински факултет од топ 200 медицински факултети во светот. Проектот предвидуваше критериумите за избор за асистент и професор на универзитетот Сапиенца да бидат преземени кај нас, без исклучок. Ова ќе беше гарантирано со тоа што имавме идеја универзитетот Сапиенца да го одобрува изборот за асистент или професор, преку проверка дали се исполнети нивните критериуми, односно дали биле следени овие критериуми во постапката за избор.

Договори за лојалност 

Задолжителната и загарантирана, бесплатна државна специјализација, ќе овозможеше сите овие доктори да ги задржиме во државата најмалку 15 години по завршување на специјализацијата, бидејќи сите ќе беа врзани со договор за лојалност. Идејата ни беше најмалку 2 години од специјализацијата, специјализантите да ја поминат или на Универзитетот Сапиенца или на некој друг медицински факултет од топ 200 според Шангајската листа на најдобри универзитети, а трошокот за ова целосно да биде покриен од Министерството за здравство. Малата бројка од 50 студенти годишно, постепено ќе се зголемуваше до бројката од 200-250 студенти годишно, со посебна листа за прием на студенти од различни градови врз основа на потребата за доктори во секој град од државата поединечно.

Ако овој нов факултет почнеше со работа во 2018 година, оваа година ќе ги имавме и првите дипломци. Во комбинација со изградбата на новиот Клинички центар, кој досега требаше да биде пуштен во употреба, ќе преставуваше најголемата реформа на нашиот здравствен систем. Разочаран од фактот што ова не успеа, не ми останува ништо друго туку да се обидам, преставувајќи го вака јавно, да го свртам вниманието на јавноста кон овој многу значаен проект и да се надевам дека можеби некој од надлежните ќе се охрабри да влезе во овој сложен, но стратешки многу важен проект за државава. Недостатокот од доктори драматично ќе расте, па ако оставиме се на случајност, многу брзо, ќе се разбудиме поразени од фактот дека доктори ќе нема ни за лек!

Никола Тодоров
извор: ДВ

Back to top button
Close