Николоски за бугарските прозивки: Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене

„Би сакал да реагирам во однос на последната хистерија која што ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари. Имено, непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалку мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија“ вели македонскиот вицепремиер Александар Николоски откако денеска лидерот на ГЕРБ – Бојко Борисов побара извинување од него и барање тој да поднесе оставка од функцијата.

Николоски во реакцијата вели дека „Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари кои што, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал кој што го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија.

Нивното занимавање со Македонија, всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската Унија, уште по малце да напредува кон Европската Унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема“.

„Секако ние нема да го дозволиме тоа и јас нема да дозволам да било кој бара изговори во мои изјави или било што друго што се случува во Македонија. Всушност, самото тоа што се бидат изјави од контекст и што лошо се разбираат во Бугарија, покажува дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни. Затоа што, она што има еден контекст на македонски јазик, очигледно има друг контекст на бугарски јазик. Но, јас останувам позади се што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува. Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Силјановска Давкова како претседател на Македонија“ вели Николоски.

Тој испрати порака до политичарите кои што бараат оставка од него:

„Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај пачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене?

Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми е што добрите односи помеѓу двата блиски народи, македонскиот и бугарскиот народ, ги уништуваат корумпирани политичари кои што не можат ништо да направат за сопствената држава, освен да внесуваат гнев и омраза.

И таков е овој кој што го споменав со пачките злато, таков еден друг кој што важи за голем олигарх во Бугарија и такви се една редица други политичари кои што се корумпирани, а таков е и оној кој што е претседател на Бугарија и кој што немаше минимум пристојност и минимум цивилизациско однесување да стави македонско знаме при посетата на македонскиот Претседател“.

Back to top button
Close