Нирмберг
Почитувани читатели, денешната колумна ја посветувам на градот Нирмберг во Германија кој со својата убава архитектура, историја и стил на живеење плени од прв поглед.

Нераскинливата поврзаност со овој град започна за време на мојот мандат како Градоначалник на Град Скопје, кога заеднички ја прославивме 25 годишнината од нашето збратимување. Еден ваков цивилизиран, културен потег за збратимувањето на две големите урбани средини е симбол на меѓусебно поврзување, почит и желба за соработка во сите сегменти на урбаниот живот кои го креираат граѓаните на два различни градови.
Градот Скопје е збратимен и со други градови низ светот, како Темпи- Америка, Истамбул- Турција и други, но овој германски град има нешто со што ме освои од почеток.
Нирмберг има посебно место и во историјата на Град Скопје, периодот на мојот мандат како Градоначалник, од 2005 до 2009 година.
Во Нирмберг и во Скопје постоеја посебни сектори посветени на соработката со збратимените градови.
Соработката со Нирмберг ги надмина сите граници на вообичаената комуникација како збратимени градови. Господинот Трини од Град Нирмберг, човек вљубеник во Скопје и Македонија, како шеф на овој оддел во локалната самоуправа на Нирмберг, пленеше со својата посветеност кон работата. Токму поради тоа, заедно со Советот на Град Скопје донесовме одлука да му дадеме титула „почесен граѓанин на Скопје”.
При оваа соработка, од наша страна беше експонирана противпожарната бригада на Град Скопје која од 2005 година со децентрализацијата се пренесе од МВР во надлежност на Град Скопје.
Екипираноста на противпожарната бригада беше во лоша состојба, а знаејќи го местото и улогата на противпожарните бригади во големите урбани средини, најнапред како Градоначалник настојував оваа бригада час поскоро да прерасне во вистински бастион за Градот Скопје. Недостасуваа пожарникари, а вкупната опрема беше наследство од бившата СФРЈ. Најлошото нешто беше недостатокот на образовен систем во Република Македонија за обука на идните пожарникари.
Градот Нирмберг одигра клучна улога во афирмација за местото и улогата на противпожарната бригада во Град Скопје. Ни донираа опрема и две противпожарни возила кои за наши стандарди на опременост во тоа време претставуваа вистинско богатство.
Овозможивме директна соработка на противпожарните бригади на Нирмберг и Скопје. Заедничката соработка кулминираше преку дружењата меѓу пожарникарите и натпревари во спортски и противпожарни вештини. Во сите дисциплини бригадата на Град Скопје победуваше, што мене како човек ми даде импут дека таква спремна бригада со храбро спортско срце мора да се чува и негува. Во мојот мандат, поради скромните финансиски можности, на скопската бригада ѝ обезбедив лична пожарникарска опрема за секој пожарникар од највисок квалитет кој денеска се користи во современиот свет. Тоа е опрема која не дозволува загрозување на животот на пожарникарот иако е влезен да гаси пожари со повеќе стотици целзиусови степени.
2 / 2
Одбележувањето на 25-годишнината од нашето збратимување се одржа во градот Нирмберг. Со советниците од Град Скопје и одговорните од службата за соработка со збратимените градови, бевме гости, каде на моја лична покана и трошок присуствуваше хорот „Света Злата Мегланска”.
Пречекот беше величествен и во присуство на тогашниот Амбасадор на Македонија, Господинот Филипов се случија неколку настани кои го одбележаа нашето присуство во овој град.
Најнапред се отвори споменикот „Раце”, подарок од Град Скопје до Градот Нирмберг, целосно финансиран лично од мене. Следеше настап на хорот Света Злата Мегленска, во катедралата на Нирмберг, со старо-византиско црковно пеење. Акустиката во катедралата даваше посебна грандиозност на хорското пеење, а молкот на присутните за време на изведбите ја потврди магијата на хорската изведба достојна за почит.
Верниците од Нирмберг беа трогнати од настапот на овој прекрасен женски хор. Како Македонци, граѓани на градот Скопје се почувствувавме многу горди, бидејќи на лицата на верниците се гледаа благородни импресии, налик на божествени. Уште повеќе пораснавме во нивните очи и како град и како држава кога го слушнаа професионалниот хорски настап. Централната прослава за 25-годишнина се одржа во градската куќа која со својата големина, но и совршена архитектура восхитува од секој аспект. Амбиентот беше прекрасен, облагороден со хорот ,,Злата Мегленска” кој им го одзеде здивот на сите присутни.
И денес ги паметам зборовите на Амбасадорот Филипов: „Трифун, ова е најсилниот момент за време на мојот мандат како Амбасадор во Германија, се чувствувам како горд Македонец”.
Почитувани читатели, денешнава колумна за Градот Нирмберг ја напишав со една цел. Ние граѓаните на Република Македонија живееме во Европа. Нашето приближување кон ЕУ заедницата мора да продолжи со непосредна комуникација во сите области од нашето живеење подобро да се запознаеме, да учиме и стекнеме доверба меѓу нас и заеднички да ги практикуваме нештата кои нѐ спојуваат.
Во ЕУ заедницата треба да бидеме рамноправни членови со заемно почитување. Поставениот споменик „Раце” во Нирмберг е симбол кој алудира на подавање раце едни на други и поврзување на нашето Скопје со Нирмберг.
Така се сака Македонија!
Трифун Костовски






