Нова ера во грчката опозициска партија СИРИЗА

Со победата на Каселакис на партиските избори за лидер на СИРИЗА, започнува нова ера во грчката опозициска партија, која по 15 години доби нов претседател на местото на Алексис Ципрас.

Не сум феномен, јас сум гласот на едно општество, кое го почитувам, го ценам и му благодарам и кажувам јасно: Никогаш нема да ве изневерам, порача меѓу другото новиот лидер на СИРИЗА Стефанос

Партијата која беше на власт од 2015 до 2019 година, на последните парламентарни избори претрпе голем пораз, освојувајќи над двојно помалку гласови од Нова демократија, по што следеше и оставката на Ципрас од лидерската позиција на крајот на јуни.

Веднаш потоа беа активирани партиските процедури за избори на нов претседател со што заврши една, а се означи почетокот на нова ера во СИРИЗА.

Поранешната министерка и актуелна пратеничка Ефи Ахциоглу уште пред официјалното доставување на кандидатурата се споменуваше како фаворит за наследник на Ципрас, а во официјалната трка се вклучија и нејзините сопартијци и исто така поранешни министри Евклидис Цакалотос и Никос Папас.

Следеше и кандидатурата на поранешниот министер од ПАСОК Стефанос Ѕумакас, а во последен момент, се појави и петтиот кандидат бизнисменот кој живее во САД Стефанос Каселакис.

Преку видео порака на социјалните мрежи, Каселакис тогаш ја претстави неговата кандидатура, говорејќи отворено за неговиот живот, за неговиот партнер, порачувајќи дека „нема геј агенда, туку човечка агенда“, потенцираше дека е свесен дека нема партиско искуство, туку неговото искуство е во работата и социјалниот живот, а неговата кандидатура е „од општеството, за општеството“.

За разлика од неговите четворица противкандидати за лидерската позиција кои беа познати на грчката политичка сцена, многумина во Грција, тогаш коментираа дека Каселакис е изненадување во трката за претседател на најголемата опозициска партија.

Нема политичко искуство, ниту пак партиско, со СИРИЗА го поврзува предлогот на Алексис Ципрас во пресрет на изборите на 21 мај да биде кандидат за пратеник како Грк од дијаспората.

Тогашната портпаролка на СИРИЗА Попи Цапаниду, на крајот на април ги соопшти кандидатите за пратеници на национално ниво, а меѓу нив и Каселакис.

-Бизнисмен во бродскиот сектор, студираше финансии и меѓународни науки со стипендии на Универзитетот Пенсилванија. Активен во прашањата на еднаквоста и социјалните права, рече Цапаниду за Каселакис.

Тогаш, остана непознат за грчката јавност, не успеа да обезбеди место во Парламентот, а откако ја поднесе кандидатурата за лидер на партијата, целото внимание на медиумите се насочи кон него.

Со појавувањето на Каселакис изборите во СИРИЗА од внатре партиски процес, станаа една од главните теми во Грција.

Според биографијата објавена на сајтот на СИРИЗА, Каселакис е роден во 1988 година во населбата Маруси во северниот дел на Атина, а од 2015 година е активен во областа на поморството.

Го освоил сребрениот медал на натпреварот „Архимед“ на Грчкото математичко друштво, ја претставувал Грција на младинската математичка Балканијада по што добил целосна стипендија од средно училиште во Масачусетс и на 14-годишна возраст се преселил во САД.

Со стипендија дипломирал на Универзитетот во Пенсилванија од каде што се стекнал со две дипломи по финансии и меѓународни науки.

Заедно со студиите волонтирал во тимот на тогашниот сенатор Џо Бајден за претседателските избори во 2008 година, работел тинк-тенкот  за надворешна политика„Центар за стратешки и меѓународни студии“ во Вашингтон, а пишувал и колумни.

Откако дипломирал во 2009 година, работел во Голдман Сакс за време на финансиската криза, а во 2015 година, на 26-годишна возраст ја започнал својата самостојна бизнис кариера во бродската индустрија.

За време на економската криза во Грција, ја основал непрофитната онлајн платформа „CVfromGreece“, преку која им помагал на младите да ги подобрат своите биографии за барање работа или студирање во странство.

Каселакис зборува англиски, германски, француски и шпански јазик.

Живее заедно со неговиот партнер Тајлер и кучето Фарли.

Back to top button
Close