Нови 30 дена притвор за хирургот во Битола фатен со мито, бараат од Обвинителство
За битолскиот хирург кој е осомничен за примање на поткуп од пациентка се бараат уште 30 дена притвор, потврдуваат од ОЈО Битола, пренесува „Независен.мк“.
Шеесет и четиригодишниот хирург кој долго време раководел со Хирургија во Битолската клиничка болница на 28 јануари беше пријавен во полиција од семејство од Битолско, дека за операција на жолчно ќесе од пациентка побарал 150 евра за извршената хируршка интервенција за наводно да се „почести“.
Од ОЈО Битола потврдуваат дека предлог за продолжување на мерката притвор е поради опасност од бегство.
„За осомничениот против кого се води постапка за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 6 во врска со став 3 и став 2 од Кривичниот законик, продолжена е мерката притвор за уште 30 дена. Основното јавно обвинителство Битола до судијата на претходна постапка достави предлог за продолжување на мерката притвор, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство“, потврдија од ОЈО Битола.