Нови фотографии од лицето кое пукаше во „Ист гејт“ – лабаво седи во кладилница и не се крие

Се појавија нови фотографии од лицето кое вчера сред бел ден пукаше и тешко рани две лица во трговскиот центар „Ист гејт“. На нив, како што објави „Фокус“, се гледа како напаѓачот седел во обложувачница во трговскиот центар и воопшто не се криел.

Министерството за внатрешни работи (МВР) сè уште трага по идентитетот на напаѓачот кој вчера со пиштол пукаше кон две лица во трговскиот центар „Ист гејт“ и побегна.

Неофицијално, како што вчера објавија и дел од порталите, цел на пукањето бил Раде Трајковски со прекар Штекли, кон кого, во истиот трговски центар, беше пукано пред два месеца.

 

Неговите иницијали се совпаѓаат со оние што ги објави МВР.

„На 24.10.2023 околу 15 часот од трговскиот центар ’Ист гејт’ во Скопје во СВР Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица кои се здобиле со повреди и веднаш се упатени полициски екипи за расчистување на случајот. На повредените им е укажана лекарска помош во ГОБ ’Св. Наум Охридски’. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и расчистување на случајот“,соопшти МВР.

Додека полицијата ги проверува сите наводи поврзани со напаѓачот во „Ист гејт“, двете лица со прострелни рани се наоѓаат на лекување по извршените оперативни зафати.

Едниот се наоѓа на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, а другиот е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Клиничкиот центар во Скопје.

Љубен Арсенков, директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје и Неџати Јакупи, директорот на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, во изјава за „360 степени“ посочија дека и двајцата пациенти се во стабилна состојба, но поради сериозноста на повредите остануваат на одделите за интензивна нега во болниците каде што се примени.

Вчерашниот напад министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го оцени како изолиран случај и додаде „вакви изолирани инциденти се случувале и ќе се случуваат“.

Министерот посочи дека е формиран посебен штаб во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје кој заедно со одделите за организиран криминал, криминалистичка полиција и форензика работи на прибирање информации и докази со цел утврдување на фактите и мотивите за вчерашниот напад во „Ист гејт“.

МВР вчера испрати фотографија до медиумите од лицето што со огнено оружје пукаше во „Ист гејт“ и ја информира јавноста дека на фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го извршило кривичноправниот настан.

Апелираат до сите граѓани доколку го забележат лицето од фотографијата, имаат какви било сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата што СВР Скопје ја води во координација со јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 192 или 112.

 

Back to top button
Close