ЈО: Кривичната пријава за поранешните премиер и генерален секретар не е отфрлена

Основното јавно обвинителство Скопје информира дека за случајот со Државната лотарија постапува по поднесени кривични пријави и од Министерството за внатрешни работи и од Управата за финансиска полиција.

– По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка. За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат, стои во соопштението од ЈО.

Jавното обвинителство извести дека кривичната пријава за поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешен генерален секретар Методија Димовски не е отфрлена.

– Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот, велат оттаму.

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство денеска одреди мерки за претпазливост против четири лица опфатени со истрагата за „Државна лотарија на РСМ“. Лицата се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување.

Како што информираат од Основен кривичен суд Скопје, одземени им се патните исправи и наложено е и редовно јавување на службено лице, а доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица.

– Воедно, до судија на претходна постапка доставен е и предлог за определување мерка притвор против две лица опфатени со истата истрага, која мерка започнува да се спроведува од нивно пронаоѓање, за кој предлог судот е во фаза на постапување, а за што во текот на денот јавноста ќе биде дополнително известена. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет, дополнуваат од Кривичен.

Мерките произлегуваат по истрагата на Обвинителството против две лица за проневера и четири лица за злоупотреба на службена положба. Доказите покажуваат дека двајцата соизвршители, како одговорни лица во Државна лотарија, нанеле штета од 501.319.119 денари на друштвото преку незаконски набавки на видеолотариски терминали.

 

Првоосомничениот предложил набавка на терминали, иако знаел дека е незаконска, а второосомничениот ја поддржал набавката како вицепремиер. Терминалите никогаш не биле употребени.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера на прес-конференција соопшти дека поранешен премиер и прв вицепремиер се дел од истрагата околу аферата со криминалот во Државна лотарија. Опфатени се и поранешен генерален секретар и државни службеници.

Back to top button
Close