Објавена потерница по можниот извршител на нападот на Парадата на гордоста во Берлин

– Берлинската полиција објави фотографија на лице за кое смета дека е извршител на нападот на Парадата на гордоста во германската престолнина, во кој загина едно, а се повредени 16 лица.
Властите започнаа потрага низ градот по 21-годишниот осомничен Абдул Б., кој избегал откако автомобил синоќа влетал во толпата во паркот „Тиргартен“.
Портпаролот на полицијата, Флоријан Нат, изјави дека лицето им е познато на властите и дека постои сомневање дека припаѓа на исламистички кругови во Берлин. Според информациите на ДПА, осомничениот во мај годинава бил пуштен од установа за малолетни и младински престапници.
Берлинското обвинителство и Покраинската криминалистичка служба изутринава упатија предупредување до граѓаните, доколку го забележат осомничениот, да не му приоѓаат бидејќи може да биде вооружен и опасен.

Според првичните информации на полицијата, синоќа околу 22 часот бел минибус удрил во толпа луѓе на Парадата на гордоста во паркот „Тиргартен“, по што организаторите ги откажале преостанатите активности.
Возилото потоа удрило во дрво, а возачот избегал во непознат правец, соопшти полицијата.
Мотивот засега останува нејасен. Не е познато ниту дали осомничениот управувал со возилото. Празниот автомобил, кој според Нат претрпел сериозни оштетувања, е запленет од местото на настанот.
Според зборовите на полицискиот портпарол, во тек е проверка дали по удирањето на возилото во толпата имало и продолжение на нападот, вклучително и дали од комбето излегло лице кое потоа почнало да напаѓа луѓе со ладно оружје.
Според изјави на сведоци, неколку лица се здобиле со убодни рани, а други изјавиле дека виделе лице облечено во црна облека и вооружено со мачета.






