Обрадовиќ: Двери нема да ги прифати изборните резултати, ниту идната влада, ниту нејзините одлуки

– Претседателот на опозициското движење Двери, Бошко Обрадовиќ, изјави дека оваа партија нема да ги признае претстојните парламентарни избори на 21 јуни и дека нема да ги прифати нивните резултати, како ни Собранието и Владата што ќе се формираат, ниту нивните идни одлуки, јави дописиникот на МИА од Белград.

-Изборите во Србија не се слободни и чесни веќе долго време. Сега тие се и дефинитивно недемократски, неуставни и здравствствено ризични затоа што пандемијата сè уште трае и ние секој ден бележиме голем број на ново заразени лица. Што повеќе можеме да кажеме ако го знаеме тоа дека на сред изборниот процес е изменет изборниот закон, така да изборите се распишани пред пандемијата и спроведувани според еден изборен закон, а по завршувањето на вонредната состојба, тие се продолжија според друг закон, изјави Обрадовиќ во интервју за агенцијата Бета.

Тој оцени дека само ова е доволен „правен скандал“ за Уставниот суд да ги поништи изборите и власта и опозицијата конечно да седнат на преговарачка маса и да се договорат за нов термин и за условите, за да овие избори бидат вистински демократски.

-Очекувам најголем можен притисок врз граѓаните во овие девет години од сегашната власт, на овие измамнички избори да излезат и да гласаат за СНС по секоја цена. Одзивот на уценети и малтретирани граѓани не може да се смета за демократски избори. Она што ќе биде вистински предизвик е како западните демократии ќе се изјаснат за сето тоа, односно што ќе изберат да поддржат во Србија: диктатура или демократија. Ако ЕУ избере да го поддржи Вучиќ, а не демократијата, тоа ќе биде крај на довербата на српските граѓани во евроинтеграциите, оцени Обрадовиќ.

Претседателот Александар Вучиќ, по повод изјавата на Бошко Обрадовиќ дека нема да ги прифати изборните резултати, изјави дека „минорните политички субјекти“ не се тие кои треба да признаат нешто, туку граѓаните на Србија.

Back to top button
Close