Обвинителот Цветановски ја прифати жалбата на ВМРО-ДПМНЕ и го врари назад предметот „Бонусите на СЈО
Вишиот обвинител Јован Цветановски донесе одлука за предметот „Бонусите на СЈО“ и реши да го укине решението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за запирање на постапката и предметот со напатствија го врати назад. Од Обвинителството со кое шефува обвинителот Ислам Абази ја потврдија информацијата за „Фокус“ и посочуваат дека ќе се постапи согласност дадените напатствија од Вишото скопско обвинителство.
Неодамна, Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција одлучи дека обвинителите од СЈО не треба кривично да одговараат за бонусите кои ги земале во СЈО, бидејќи не го прекршиле законот, односно нивната шефица Катица Јанева, која е потписникот. Сепак, ваквата одлука не и се допадна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, па поднесоa жалба до Вишото обвинителство во Скопје.
Она што не беше јасно е од каде политичката партија се најде за повикана или мотивирана да поднесе жалба, кога таа не е оштетена странка во предметот, па со тоа и немаат право на жалба.
Ова јасно е предвидено во член 288, став 2, од ЗКП, каде што стои:
„Решението за отфрлање на кривичната пријава му се доставува на оштетениот со поука дека може во рок од 8 дена да поднесе жалба до непосредно повисокиот јавен обвинител“.
Партијата во овој случај се јавува како пријавител, односно подносители на кривичната пријава, но немаат својство на оштетени. Досега, според нашите сознанија, во вакви случаи, пријавителите само се известуваат за одлуката на обвинителството. Во случај пак кога пријавителите, без да бидат и оштетени, поднесувале жалби, според досегашната пракса на вишите обвинителства во старт биле отфрлани и воопшто не биле разгледувани.
…