Од Газа безбедно евакуирани и последните двајца македонски државјани
Од Појасот Газа успешно се евакуирани и последните двајца македонски државјани, информира претпладнево министерот за надворешни работи Бујар Османи. Се работи за брачен пар, кој од Газа привремено е пренесен на египетска територија, а од Каиро се очекува да допатува во земјава.

„Сакам да оддадам посебно признание за посветеноста и професионалноста до вршителите на работи во амбасадите во Тел Авив и Каиро, Мачеј Качоровски и Елма Алторок, кои вложија извонредни напори во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани“информира Османи на својот профил на Фејсбук.
Пред две недели од Газа во Каиро беа евакуирани тројца македонски државјани – татко со две деца, а заедно со нив беше евакуирана и мајката која е државјанка на Палестина.
Четиричленото семејство пристигна во земајва на 5 ноември, а за успешната мисија министерот за надворешни работи им се заблагодари на македонските амбасади во Каиро и во Тел Авив.






