Од остатокот од парите за владината фасада „а ла барок“ се купувале партиски недвижности, под истрага 4 лица
Од парите дадени од државниот буџет за стиропор фасадата на влада „а ла барок“ останал вишок со кој биле купувани партиски недвижности, тврди обвинителството кое денеска откри дека отворило прва истрага за проектот Скопје 2014-та. Обвинителството не наведе партијата иако во тоа време на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Во истрагата осомничени се 4-ца за вкупно 8 милиони евра потрошени за фасадата обновувана со поефтин материјал од оној баран со јавната набавка. Се претресуваат домови и седишта на фирми. Обвинителството најави дека ќе бара и замрзнување на сметки на фирмата избрана на тендерот, како и судски мерки за да спречат бегство на осомничените. Истражители од обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција цела ноќ внимавале да не се пробие акцијата и осомничените да избегаат. Првоосомничен е сопственик на градежната фирма Бауер БГ која го доби тендерот. Наместо да ги наведе подизведувачите кои требало да направат фасада од цврст материјал, тој избрал фирма за каменорезачки работи, не ја навел и дозволил да вгради стиропор односно поефтин материјал.
ПОДИЗВЕДУВАЧОТ ШТО ГО АНГАЖИРАЛ ПРВООСОМНИЧЕНИОТ ЗА ИЗВЕДУВАЊЕ НА ГРАДЕЖНИ И ГРАДЕЖНО ЗАНАЕТЧИСКИ РАБОТИ ЗА ИЗВЕДБА НА ДЕКОРАТИВНИ И ФАСАДНИ ЕЛЕМЕТИ И ИЗВЕДБА НА КАМЕНОРЕЗАЧКИ РАБОТИ ЗА ОБЈЕКТОТ НА ВЛАДАТА НЕ ГИ ИСПОЧИТУВАЛ ОДРЕДБИТЕ ОД ДОГОВОР И ИЗВРШИЛ МОНТАЖА НА ДЕКОРАТИВНИ ФАСАДНИ ЕЛЕМЕНТИ ИЗРАБОТЕНИ ОД МАТЕРИЈАЛ ШТО НЕ СООДВЕТСТВУВАЛ НА МАТЕРИЈАЛОТ ПРЕДВИДЕН ВО ОСНОВНИОТ ПРОЕКТ, СЕ ВЕЛИ ВО СООПШТЕНИЕТО НА ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
Второосомничениот кој бил функционер наместо да проверува и открива неправилности, замижувал на намерните пропусти на градителот на барок-фасадата. Осомничени се уште двајца од надзорот на градежните работи затоа што потврдувале дека се работи според проектот иако не било така.
ГИ ПРИФАЌАЛЕ И ОДОБРУВАЛЕ ВРЕМЕНИТЕ СИТУАЦИИ ОД ИЗВЕДУВАЧОТ НА РАБОТИТЕ ВО КОИ БИЛО НАВЕДЕНО ДЕКА ДЕКОРАТИВНИТЕ ФАСАДНИ ЕЛЕМЕНТИ СЕ ИЗВЕДЕНИ ОД 96% МИНЕРАЛЕН РЕЦИКЛИРАН ДУВАН ГРАНУЛАТ ОД СИЛИКАТНИ ШУПЛИВИ МИКРОЗРНА.
Од декември 2014-та до август 2015-та,првоосмничениот прибавил околу 134 илјади евра за политичката партија, а потоа според соопштението на обвинителството истиот со својата фирма купил три недвижности-канцеларии во Газибаба, Крушево и Центар Жупа и потоа по пониска цена ги препродавал на политичката партија. Осомничените кои се обезбедени од истражните органи се товарат за повеќе кривични дела.
Извор Телма