Одбележување на Денот на Филозофското друштво на Македонија

На 10 март (понеделник) на Филозофскиот факултет во Скопје (Сала за седници, 11 ч.) со пригодни настани ќе се одбележи Денот на Филозофското друштво на Македонија (ФДМ). Програмата предвидува свечено доделување на наградата „Константин Философ“ за филозофска книга на годината (за 2024 година), како и промоција на списанието што го издава ФДМ, „Филозофска трибина“, т.е. неговото 36. издание.

Според одлуката на Комисијата за доделување на наградата „Константин Философ“ во состав: проф. д-р Радомир Виденовиќ (претседател), проф. д-р Слободанка Марковска и проф. д-р Анета Маркоска Чубриновска (членови), таа ќе биде доделена на студијата „За нашите етички основи“, односно нејзиниот автор, проф. д-р Дејан Донев.

На настанот ќе се одржи и промоција на списанието „Филозофска трибина 36“. Овој број е целосно посветен на филозофската дејност на акад. Ферид Мухиќ и во него стожерно место зазема тематот „Ферид Мухиќ – творештво и инспирација“. Списанието ќе го промовира проф. д-р Денко Скаловски. Дополнително, на настанот пригодна беседа ќе одржи акад. Шефкет Крциќ: „Придонесот на Мухиќ во развојот на македонската, босанската, југословенската и европската филозофија“.

 

Back to top button
Close