Одобрена визната либерализација за Косово

Во Европскиот парламент (ЕП) денеска заврши процесот на одлучување за визна либерализација за граѓаните на Косово, a европратениците го одобрија укинувањето на визниот режим за Косово, објави регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

„На граѓаните на Косово ќе им биде дозволено да патуваат во ЕУ, а на граѓаните на ЕУ да одат во Косово без да бараат виза, во периоди до 90 дена во кој било период од 180 дена. По стапувањето на законот во сила, целиот регион на Западен Балкан ќе има слична визна рамка за Шенген зоната“се вели во соопштението на Европскиот парламент.

Според најавите, утре – 19 април, ќе се одржи церемонија за потпишување на правниот акт, на која ќе учествуваат претставници на ЕП и Советот на министри на ЕУ – двете институции кои одобруваат укинување на визниот режим за една земја. Одлуката ќе стапи во сила откако ќе биде објавена во Службениот весник на ЕУ.

Сепак, граѓаните на Косово ќе треба да го почекаат почетокот на следната година за да уживаат во безвизниот режим со европските земји. Според одлуката договорена во декември минатата година, визниот режим за Косово ќе биде укинат паралелно со функционирањето на информацискиот систем ЕТИАС, најдоцна до 1 јануари 2024 година.

Со укинувањето на визниот режим, Косово им се придружува на другите земји во регионот, чии граѓани повеќе од една деценија уживаат во слободата на движење. Србија, Црна Гора и Северна Македонија немаат визен режим од декември 2009 година, а Албанија и Босна и Херцеговина од декември 2010 година.

Процесот на визна либерализација на Косово траеше најдолго во споредба со другите земји од Западен Балкан.

Back to top button
Close