ОН: Највисок седмичен биланс насилства во Појасот Газа од примирјето договорено во октомври

Насилствата во Појасот Газа изминатата седмица достигнале ниво, највисоко од стапувањето во сила на примирјето во октомври минатата година, соопштија синоќа Обединетите нации.

Бројот инциденти, вклучувајќи престрелки, гранатирања и напади во периодот од 12 до 18 април се зголемил за 46 насто споредено со претходната седмица, изјави Стефан Дижарик, портпарол на Генералниот секретар на ОН.

 

Тој додава дека тоа е највисок неделен биланс насилства од почетокот на примирјето.

 

Израелската армија и натаму контролира околу половина од Појасот Газа, додека исламистичкото движење Хамас ја поврати контролата врз преостанатите области.

 

Хамас инсистира Израел да ги запре нападите во енклавата и да дозволи зголемена хуманитарна помош, како услов за да се премине во втората фаза од мировниот план за Газа, предложен од американскиот претседател Доналд Трамп. Милитантната група и натаму ги отфрла одредбите од планот што предвидуваат нејзино разоружување.

Медицинските претставници во регионот наведуваат дека од почетокот на примирјето досега во Појасот Газа животот го загубиле повеќе од 760 Палестинци.

Back to top button
Close