ОН: Шест милиони Авганистанци изложени на ризик од глад

Потсекретарот на ОН за хуманитарни прашања Мартин Грифитс предупреди дека Авганистан се соочува со продлабочување на сиромаштијата, дека шест милиони луѓе се изложени на опасност од глад и ги повика донаторите да ги вратат финансиските средства за економски развој и веднаш да обезбедат 770 милиони долари за да им помогнат на Авганистанците да ја преживеат зимата.

Грифитс пред Советот за безбедност на ОН рече дека Авганистан се соочува со повеќе кризи – хуманитарна, економска, климатска, финансиска и криза со глад.

– Конфликтот, сиромаштијата, климатските шокови и несигурноста во храната „долго време се тажна реалност“ во Авганистан, истакна Грифитс, додавајќи дека она што ја прави сегашната ситуација „толку критична“ е прекинот на големата развојна помош откако пред една година талибанците ја презедоа власта.

„Повеќе од половина од населението на Авганистан, околу 24 милиони луѓе, имаат потреба од помош, а речиси 19 милиони се соочуваат со акутни нивоа на несигурност во храната. Загрижен сум дека бројките наскоро ќе се влошат бидејќи студеното време во текот на зимата ќе предизвика и онака високите цени на горивата и храната да скокнат“, рече Грифитс.

Заменик-генералниот секретар на ОН рече дека итно се потребни 614 милиони долари за зимски подготовки, кои ќе ги поправат и подобрат засолништата и ќе обезбедат топла облека и ќебиња. Тој додаде дека уште 154 милиони се неопходни за храна и други залихи пред лошите временски услови да го прекинат пристапот до некои области.

Грифитс рече дека талибанците „немаат буџет да инвестираат во сопствената иднина“ и дека е јасно „дека треба да започне одредена развојна поддршка“.

 

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close