Општата болница во Охрид со речиси исполнети капацитети предвидени за прием на пациенти заболени од коронавирусот

Расположивите капацитети на Општата болница во Охрид за сместување пациенти заболени од коронавирусот се речиси исполнети, така што повеќе нема да се примаат пациенти од струшкиот регион.

– Болницата е функционална, засега не е критична, но ситуацијата е непредвидлива. Моментално опслужуваме пациенти од охридскиот крај, а оттаму што немаме повеќе капацитет во иднина ќе мора и болницата во Струга да обезбеди капацитети за сместување евентуални случаи лица заболени со коронавирусот. Соработка имаме со Министерството, со болницата во Битола, а обврска е на сите здравствени центри да обезбедат соби за изолација каде ќе сместуваат свои пациенти, изјави директорот на Општа болница Охрид, Горан Балевски.

Моментално на Инфективното одделение во болницата има 16 заболени од коронавирус, во Одделот за геријатрија има шест пациенти позитивни на Ковид-19. На располагање се уште неколку легла на одделот за сомнителни случаи, што се чуваат за дијагностицирање и за прием на нови случаи.

Раководителот на Центарот за јавно здравје во Охрид Сашо Точков рече дека моменталната ситуација во регионот е малку посложена од претходниот период поради зголемениот број лица позитивни на Ковид-19 и зголемиот број тестирања на терен.

– Сериозно е што после толку долг период минат во оваа новонастанатата состојба, одреден број луѓе се однесуват неодговорно, не ги почитуваат мерките, одат без маски, незаштитени, се групираат, прават најразлични собири што е недопустливо. Она што е наш апел е во овој период да не се организираат какви било собири и веселби бидејќи тоа не само што е забрането, туку е и контрапродуктивно на ситуацијата со која се соочуваме, рече Точков.

Според последните податоци, во Охрид има 72 лица позитивни на Ковид-19 и повеќе од 50 активни случаи лица заболени од коронавирусот.

– Во исчекување сме на резултати од поголем број тестирани лица. Резултатите што очекуваме да ги добиеме ќе ја покажат сликата за состојбата од продолжениот викенд кога во Охрид дојдоа поголем број луѓе од градовите каде имаше целосна забрана за движење, рече Точков.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close