Општина Центар: Институционално решение за ученикот со предизвици во однесувањето. Се работи за исклучително чувствителна ситуација
Општина Центар целосно ги поддржува учениците, родителите и раководството на ООУ „11 Октомври“ за соодветно и институционално решавање на случајот со ученикот кој бил префрлен од ООУ „Лазо Ангеловски“ без претходно известување дека станува збор за дете со проблематично однесување.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите релевантни институции – Државниот просветен инспекторат, Министерството за образование и наука и засегнатите училишта – итно да седнат на заедничка маса и да најдат одржливо решение.
„Се работи за исклучително чувствителна ситуација. Детето, како ученик во трето одделение, не смее да биде лишено од своето право на образование, но истовремено мора строго да се почитуваат процедурите за преместување во друго училиште, што во овој случај не било направено“, изјави Герасимовски.
Директорката на ООУ „11 Октомври”, Даница Блажеска, потврди дека при запишувањето на ученикот, училиштето било доведено во заблуда. Според неа, информацијата дека ученикот имал изречени мерки во претходното училиште била намерно сокриена.
„Како училиште издадовме согласност за запишување по редовна постапка, но подоцна, преку неофицијални канали, добивме информации за предизвиците со однесувањето на ученикот. Со цел да ја потврдиме точноста на тие наводи, се обидовме да стапиме во контакт со надлежните од ООУ „Лазо Ангеловски”, преку мејл, со писмен допис и телефонски, но не добивме одговор. Подоцна, родителите од нашето училиште доставија документи кои покажаа дека ООУ „Лазо Ангеловски“ побарало посредување од Општина Аеродром за преместување на ученикот во друго училиште”, објасни Блажеска.
Таа истакна дека процедурите за преместување на ученик вклучуваат транспарентна соработка помеѓу училиштата, локалната самоуправа и Министерството за образование. Новото училиште мора да биде целосно информирано и подготвено да го прифати ученикот. „Поради правната неиздржаност на постапката, нашето училиште ја повлече согласноста”, додаде Блажеска.
Општина Центар повторно апелира до сите засегнати страни да преземат одговорност и да работат на наоѓање конструктивно и правно усогласено решение за овој случај.