Општина Сопиште бара итно решавање на проблемот со нередовниот јавен превоз
Од Општина Сопиште денеска до медиумите испратија допис во кој информираат за нередовен јавен превоз во општината. Бараат од Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) да обезбеди контиуниран и навреме јавен превоз особено на линијата 58.
– Веќе неколку месеци, залудно го известуваме ЈСП Скопје за сериозните проблеми со оваа линија, а недостапен за директна комуникација е и
директорот на претпријатието. Подолг период, јавниот превоз на линија 58 не се одвива по утврдениот возен ред, а речиси секојдневно дел од утврдените поаѓања воопшто и не се реализираат, што ги остава жителите на општина Сопиште без соодветна и навремена врска со градското подрачје. Граѓаните не можат да го планираат патувањето за до работа, училиште, на лекар и слично. Оваа ситуација сериозно го нарушува секојдневието на жителите, кои оправдано реагираат и упатуваат жалби до нас. И покрај нашите постојани апели и напори за средување на состојбата, игнорантското однесување од страна на ЈСП продолжува. За жал, не се преземаат конкретни чекори за подобрување на услугата, а ситуацијата дури продолжува да се влошува, наведуваат од Општината.
Оттаму додаваат дека навремено и во целост ги имаат подмирено финансиските обврски кон претпријатието. Апелираат до ЈСП и до Град Скопје како основач на ЈСП, да преземат итни мерки за наднимување на проблемот.
– Се надеваме дека во најкраток рок ќе бидат преземени мерки кои ќе го подобрат јавниот превоз и ќе го решат овој секојдневен проблем на нашитежители, велат од Општината