Османи се сомнева дека Уставниот суд ќе го укине Законот за јазиците по локалните избори


Поранешниот министер за надворешни работи и потпретседател на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, се сомнева дека локалните избори во октомври ќе бидат претворени во референдум за албанскиот јазик и за еднаквост во државата.

Ваквата изјава на Османи, објавена на неговиот фејсбук-профил, доаѓа откако вчера претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, изнесувајќи ја неговата процена, рече дека за да се избегнат политизација и етнизација, конечната одлука за Законот за јазиците ќе биде донесена после локалните избори.

Според Османи, одамна се зборува дека Владата му наредила на Уставниот суд веднаш по октомвриските избори да го укине Законот за јазици, за, како што вели тој, да не му наштети на нивниот албански проект.

„Изјавата на претседателот на Уставниот суд, дека одлуката ќе биде донесена по изборите, само го потврдува ова. Оваа одлука ги претвора следните избори во референдум за албанскиот јазик и за еднаквост во државата“, пишува Османи.

Back to top button
Close