Османи утре ќе биде домаќин на шефовите на дипломатиите на Австрија, Словенија и Чешка
– Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, утре ќе биде домаќин на министрите за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, на Словенија, Анже Логар и на Чешка, Јакуб Кулханек.
Османи, како што соопшти МНР, ќе информира за тековните теми со ЕУ, за европското досие на земјава, реформските процеси, добрососедските односи, а една од централните теми ќе бидат и можностите за напредок во европските интеграции на претстојните летни Совети на ЕУ.
Министрите за надворешни работи се во посета на земјава, во својство на претставници на неформалната групата земји членки на ЕУ „Ц5“, во која покрај Австрија, Словенија и Чешка, членуваат и Словачка и Унгарија, чии претставници веќе беа во посета на земјава.
Претходно, шефот на австриската дипломатија Шаленберг изјави дека викендов ќе ги посети Скопје и Тирана, во обид да ги продолжи напорите на австриската Влада да го забрза процесот на проширување на ЕУ кон Западен Балкан.
Шаленберг рече дека посетата е јасен сигнал дека Северна Македонија и Албанија, како и сите други земји во регионот, можат да сметаат на поддршката на Австрија.
Тој истакна дека 2020 година е изгубена година за целиот регион и дека неуспехот да се отворат преговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија е големо разочарување.
-Оваа година, 2021 година, не смее да се изгуби повторно. Нанесената штета станува се поголема, изјави Шаленберг.
Според него, на Западен Балкан се води борба за модел на живот и предупреди дека ако ЕУ конечно не го исполни ветувањето, тогаш вакуумот ќе го пополнат други држави.
Шаленберг е на пат со неговиот словенечки колега, чија земја ќе го преземе претседателството со ЕУ за половина година на 1 јули и шефот на чешката дипломатија, за кого ова е прва посета на регионот. нд/са/
Фото: Aрхива