Oтворен 79. Кански фестивал

Вечерва почна 79. Кански филмски фестивал каде во следните 12 дена ќе има премиери и натпревар за престижната награда „Златна палма“, која ќе биде доделена на 23 мај.
На отворањето на фестивалот на Француската ривиера, почесната „Златна палма“ му беше доделена на новозеландскиот режисер Питер Џексон, автор на трилогијата „Господарот на прстените“. Наградата му ја врачи актерот Елајџа Вуд, кој го толкуваше ликот на Фродо Багинс во филмовите.
Џексон во својот говор рече дека не очекувал ваков вид награда.

„Никогаш не разбрав зошто ја добивам Златната палма. Јас не сум навистина човекот што ја добива Златната палма“, рече новозеландскиот режисер, кој потоа беше почестен со песната на Битлси „Get Back“, во спомен на неговиот признат документарец од 2021 година.
Фестивалот официјално го отворија актерките Џејн Фонда и Гонг Ли, со пораки за улогата на филмот како форма на општествено изразување.
За време на презентацијата на жирито, некои членови зборуваа за актуелните глобални конфликти и улогата на уметноста во политичкиот контекст, додека претседателот на жирито, Парк Чан-Вук, рече дека уметноста и политиката не се во конфликт и дека политичките пораки не го дисквалификуваат филмот.
„Не можете да дисквалификувате филм под изговор дека има политичка порака. Исто како што не можете да одбиете филм затоа што не би бил доволно политички“, рече тој.
Други членови на жирито се Клое Жао, Стелан Скарсгард, Рут Нега и Деми Мур, која беше прославена во Кан пред две години за нејзината повратничка изведба во филмот „Супстанца“.

Back to top button
Close