Јовески е оптимист дека нема да застарат многу предмети по измените на Кривичниот законик


Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески е оптимист дека нема да застарат голем број предмети по измените во Кривичниот законик, кои предизвикаа бура во јавноста. Вели дека Обвинителството во овој момент нема бројка или статистика на колку предмети им се заканува застарување поради измените на КЗ и каква ќе биде судбината на дел од нив.

Во однос на самите измени, ставот на државниот обвинител кој тој денеска го сподели во изјава за медиумите е дека тие се донесени во Собранието во законита процедура и дека должност на Обвинителството и другите правосудни институции е да ги почитуваат.

Инаку, како што веќе ѝ е добро познато и на јавноста, со измените, меѓу другите, беше опфатен членот 353 за делото злоупотреба на службената положба и овластување и членот 354 за злосторничко здружување, за кои со најновите измени на КЗ се намалени казните и воведена е горна граница, што повлекува застарување на добар дел од делата по кои се гонат обвинетите во случаите што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО).

Јовески е согласен дека измените биле однесени во брза постапка и без Обвинителството и други институции да бидат консултирани, но вели дека тоа е волја на пратениците и во ваков случај ставот на Јавното обвинителство е ирелевантен.

„Обвинителството и сите правосудни институции се должни да ги почитуваат законите што ги носи Собранието. Во делот на донесувањето на овој Закон (за измена и дополнување на Кривичниот законик н.з.) точно е дека се донесе во некоја брза постапка, меѓутоа ние како Обвинителство, и без разлика каков став да имаме, е ирелевантен со оглед дека тоа е волја на пратениците. Знаете законите ги носат пратениците и овој Закон е донесен во една законита постапка и Обвинителството од влегувањето во сила започна да го применува“, изјави Јовески во изјава за медиумите по денешната седница на Советот на јавните обвинители.

За проблемите со кои наидуваат обвинителствата по измените, Јовески вели дека се во постојана комуникација со сите обвинителства и онаму каде што има посериозни проблеми Обвинителството ќе заземе заеднички став.

„Ние неколкупати преку службата за информирање ја известувавме јавноста во делот на примената на Законот, што значи таа примена, каде што обвинителствата ќе наидат на определени тешкотии. Ние сме во комуникација со сите обвинителства на дневна основа, пред сè Вишите јавни обвинителства, но исто така и Јавното обвинителство на Република Северна Македонија. Ги согледуваме проблемите кои се јавуваат во примената на овој закон и заедно со вишите јавни обвинители, онаму каде што има посериозни проблеми, ќе заземеме заеднички став“, рече Јовески.

Back to top button
Close