Пјонгјанг: САД треба да ја држат устата затворена и да се справат со внатрешните проблеми

Северна Кореја денеска соопшти дека Вашингтон не треба да се меша во меѓукорејските прашања, доколку сака успешно да ги одржи претседателските избори, а оваа реакција  доаѓа откако САД изразија жалење за нејзината одлука за прекин на врските со Јужна Кореја.

Во изјавата објавена од официјалната севернокорејска агенција КЦНА, висок функционер на севернокорејското Министерство за надворешни работи изјавите на Вашингтон ги оцени како „одвратна, двојна игра“.

-САД треба да ја држат устата затворена и да се справат, пред се, со нејзините внатрешни работи доколку сакаат успешно да ги одржат претседателските избори,  изјави Квон Јонг Гун, генерален директор на секторот за американски работи во Министерството.

Изјавата следи по изразениот став на американскиот Стејт департмент во вторникот дека е разочаран од одлуката на Северна Кореја за прекин на комуникациските врски со Јужна Кореја.

-Ако САД го туркаат носот кон туѓи прашања со невнимателни изјави, место да се занимаваат со внатрешните работи во време кога нивната политичка состојба е во најтешка конфузија досега, можат да се соочат со незгодни работи со кои тешко ќе се справат, рече Квон Јонг, во коментарот пренесен  од КЦНА.

„Не е јасно што треба да направи Северна Кореја за да ги наруши изборите или да предизвика проблеми во кампањата на американскиот претседател Доналд Трамп“, изјави Џејмс Ким од Институтот за политички студии Асан во Сеул.

Заканата од Северна Кореја е упатена два дена пред втората годишнина од историскиот самит меѓу лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг Ун, и американскиот претседател Трамп во Сингапур.

Освен симболичното значење, таа средба изнедри само една многу нејасна изјава за денуклеаризација на Корејскиот полуостров. Но, оттогаш разговорите за денуклеаризација се мртва буква на хартија, особено по фијаското на вториот самит во февруари 2019 година во Ханој.

САД имаат околу 28.500 војници трајно стационирани во Јужна Кореја со кои го штитат својот сојузник од заканата од Северна Кореја.

Пјонгјанг е под голем број санкции од Советот за безбедност заради својата нуклеарна и балистичка програма. сд/

Back to top button
Close