Пад на оценката за РСМ во извештајот на Фридом хаус

Отсуството на поголеми чекори за елиминирање на корупцијата и измените на Кривичниот законик ја намалија оценката за Северна Македонија.

„Во Северна Македонија, надежите што се зголемија во 2017 година по соборувањето на антидемократскиот премиер Никола Груевски допрва треба да се остварат“, се вели во извештајот.

„Ниту Груевски, ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени знаменити случаи, додека јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор“, се вели во Извештајот.

Ова објаснува зошто во Извештајот на Фридом хаус“ од 2024 година оценката за Северна Македонија бележи опаѓање – од ланската 3.86 на 3.79.

Од оценуваните седум категории нема промени во оценката за пет – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење, а падот се нотира во две категории – судска рамка и независност, и корупција.

Земјите се оценуваат со оценка од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија).

За потсетување, Северна Македонија во Извештајот од 2023 година доби оценка 3.86 за демократски прогрес, и тогаш бележеше напредок во споредба со 2022 година, кога таа оценка била 3.82. Последната оценка за РСМ сега е пониска од онаа што ја имала во 2022 година.

„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните мрежи“, се вели во Извештајот, со потсетување дека моќта продолжила да осцилира меѓу коалициите на исти групи партии, како што тоа го правело со децении.

„Циклични хибриди“ - во оваа група е сместена Северна Македонија во најновиот извештај на
„Циклични хибриди“ – во оваа група е сместена Северна Македонија во најновиот извештај наФотографија: picture-alliance/dpa

Во него се нотира и дека националистичката партија на Груевски ја опструирала работата на парламентот додека била опозиција и се фаворизирала да победи на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.

Назадувања и во регионот

Назадувањето е видливо и во регионот, каде пад на оценката бележат четири земји од Западен Балкан. Оценката за Црна Гора паднала од 3.79 на 3.75, за Босна и Херцеговина од 3.21 на 3.18, а најголем пад бележи Србија – од 3.79 на 3.61. Од земјите во регионот непроменета останала оценката во однос на претходната година за Хрватска, Косово и Албанија.

Според извештајот на Фридом хаус“ 11 земји се во кaтегоријата хибридни режими, но и тие не се униформни, бидејќи ги карактеризираат разлики.

Северна Македонија е во групата циклични хибриди заедно со БиХ, Црна Гора, Албанија и Ерменија, за разлика од Косово, Украина и Молдавија кои се во групата демократизирачки хибриди. Србија, Унгарија и Грузија се во групата автократизирачки хибриди.

Freedom House Logo

Во Извештајот, кој ги разгледува настаните од 2023 година, авторите посочуваат дека демократското владеење генерално е во опаѓање веќе 20-та година по ред, при што падот во автократии и хибридни режими е поинтензивн од подобрувањата во европските демократии (од 29 земји во 10 има опаѓање).

„Геополитчко престројување се случува во регионот на ‘Земји во транзит’ при што земјите се усогласуваат во два блока: трансатлантски – продемократски блок, и блок на автократиите кои ја отфрлаат либералната демократија“, заклучуваат авторите. (dw)

Back to top button
Close