Палестинците штрајкуваат на Западниот брег поради војната во Газа

Продавниците, училиштата и владините канцеларии денеска беа затворени низ Западниот брег и источен Ерусалим, бидејќи Палестинците објавија генерален штрајк во знак на протест против израелската војна против Хамас во Појасот Газа.

Палестинските активисти ги повикаа компаниите, јавните работници и вработените во образовните институции да штрајкуваат во знак на солидарност со Газа.

-Многу Палестинци одговорија на повикот за штрајк и протестни собири се одржаа низ целиот Западен брег, изјави Есам Абу Бакер, кој е задолжен за врска со палестинските фракции во Рамала.

Протестот, според него, е дел од глобалните напори да се изврши притисок врз Израел да ја прекине војната, додавајќи дека штрајкови се случуваат и во делови од Јордан и Либан.

-Денешниот штрајк не е само во знак на солидарност со Газа, туку и против САД, кои ставија вето на резолуцијата за прекин на огнот во Советот за безбедност, кажа Абу Бакер, алудирајќи на петочното американско отфрлање на резолуцијата за прекин на огнот во Газа

Back to top button
Close