„Парадоксикон“ – нова прозна книга од Томислав Османли

Во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје се појави збирката раскази и новели, необично насловена „ПараδΩξicoN“ поточно „Парадоксикон“, најнова книжевна творба на писателот Томислав Османли. Таа го носи поднасловот „фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески, парадокси во проза“.

„Парадоксикон“ на Османли e четиво со жестоки, книжевно впечатливи критички набои. Дванаеетте, главно долги прози, без задршка шибаат по современата отуѓена стварност. Авторот на „Парадоксикон“ ги открива гротескните и фантастични суштини на современото секојдневие соголувајќи ги актуелните начини на отуѓување. Тој живописно, комично и едновремено горчливо говори за деперсонализацијата, егоизмот, сексизмот, меркантилноста, профитерството, социопатијата, консумеризмот…поконкретно – за парцијализираното, некомплетно, осиромашено, на пати и крајно извитоперено, тажно „човекување“ на индивидуата во современото пред сѐ наше, но и универзално општество, вели писателот и издавач Глигор Стојковски.

-Ова време – вели авторот Томислав Османли – произведува нови форми на отуѓувања и на изневерувања на човечката индивидуална и колективна сушност. Конкретно, прозите на „Парадоксикон“ се повести за современите бегалци – светски талкачи од Блискиот Исток, за домашни правно невидливи лица, за исчезнати луѓе заталкани во некоја субјективна и подобра реалност, за бебиња најдени во контејнери, за една дезинтегрирана и неемпатичка цивилизација која им робива на потрошувачките вредности и на личното „ego“ од секаков вид, од меркантилниот, сексуалниот, властољубивиот, до административниот.

Книгата „Парадоксикон“ на Османли е критика која доаѓа како сила на отпорот, токму од спротивниот етички пол, од неотуѓениот и човекољубив морал на еден интегрален и интегриран карактерен и литературен идеал.

Објавувањето на оваа книга во издание на „ВиГ Зеница“ е подржано од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес во културата во 2020 година.

Back to top button
Close