Патопис од моето последно летување

Оваа година, со мои блиски пријатели, одлучивме да ги посетиме Сицилија и Малта. На едно вакво патешествие се патува со автомобил за да можеш да ја видиш и почувствуваш природата одблиску, да им пркосиш на долгите магистрали, да се разминуваш со богатата природа, да ловиш зајдисонце и изгрејсонцето во ретровизор. Можевме да користиме друг поефикасен превоз, меѓутоа одлучивме да патуваме со автомобили токму поради природата која грижливо нѐ води кон прекрасните острови во центарот на Медитеранот.
Да се допре тлото и помириса медитеранскиот воздух на овие туристички атракции, навистина е голем предизвик. Илјадници километри поминати во две насоки е сладок напор кој исчезнува при првата пауза.
Кога трепките отежнуваа од долгото возење, чудесните попатни доживувања ги освежуваа љубопитни погледи кои ги подголтнуваа сите можни видици и перспективи. Ја прошетавме Сицилија од север до југ и ако мислите дека е мал остров, се лажете – најголем е во Средоземното Море.
Во Сицилија ги посетивме Милацо на северниот дел од островот, гратчето Корлеоне во централниот дел и градот Таормина во јужниот дел на Сицилија.
Овој древен остров е прегрнат од Јонското, Тиренско и Средоземното Море. Неговата местоположба восхитува и не случајно бил важен трговски центар во минатото. Патината која ја носи на себе овој остров датира со илјадници години наназад, споменуван е и во грчката митологија како прибежиште на киклопот Полифеј опишан во Одисеја на Хомер.
Впрочем, Сицилија е дел од најстарата античка историја. Нејзината исконска врска е преку градови, кои и ден денеска постојат, а тие се Месина, Сиракуза и многу други.
Како гости на Градоначалникот на Корлеоне, господинот Николо Николоси, бевме запознаени со историјата на ова прекрасно гратче, старо над 3000 години со над 100 катедрали. Сицилија сѐ уште се бори со сенките на мафијашкото минато, да ги исчисти дамките кои денеска во светот ја етикетираат како острово на мафијата. Во музејот на ова мало гратче изложени се сите факти кои сведочат дека од почетокот на 20 век , граѓаните на ова мало гратче се бореле и сѐ уште се борат против било каков вид на криминал и корупција. Многу жители на Корлеоне го дале својот живот за да ја разбијат мафијата која владеела до, не толку дамнешни времиња во Сицилија.
Денес заштитен знак на градот Корлеоне е: ,,Corleone, anti-mafia”! Мојата лична импресија за ваквата посветеност на граѓаните на Корлеоне да се уништи мафијата , е пред сѐ во нивната христијанско-католичка вера. Жителите на Корлеоне се фанатични верници на католичката црква. Тие во основа живеат согласно напишаните заповеди за правоверен христијанин. Преку вакво согледување ја сфатив моќта на религијата во креирањето на поединецот и општеството во кое живееме.
Гратчињата Милацо и Таормина, туристички дестинации уште од 19 век, импресионираат со гостољубивост и нивната медитеранска кујна. Актуелниот вулкан на Сицилија, Етна е надвиснат над самото гратче Таормина, а чадот кој деноноќно излегува од него е пред очите на секој љубопитен турист. Вулканите се природни феномени кои прават вчудовидувачки пејзажи и можев да ја почувствувам моќта на природата, симбиозата меѓу неа и човекот. Целото гратче е распослано низ мали ритчиња и дава впечаток на егзотичен комплекс.
Следната дестинација ни беше Малта и малото островче Гозо. Малта, како островска држава, до неодамна многу тешко се справуваше со питката вода. Денес, без оглед што ја нема во изобилие, со мудри потези проблемот со водата за пиење е надминат.
Малото островче Гозо има речиси 30.000 жители и го красат 14 мали урбани населби. Целата Малта, вклучително и островот Гозо се накитени со регали од крстови и уште при првото стапнување на овој остров ќе воочите дека е земја на некогашните крстоносци-темплари.
Четиринаесетте урбани населби на Гозо, почнувајќи од почетокот на јуни, па до крајот на септември, практикуваат еднонеделни прослави на секое од нив. Прославите восхитуваат со нивната автентичност и не само граѓаните на Гозо, туку и туристите со големо задоволство се приклучуваат на овие прослави.
Имавме можност да бидеме присутни на една импресивна забава во гратчето Викторија и да ги видиме нивните животни и историски традиции.
Граѓаните на овие мали градчиња на Гозо го практикуваат животот во изворна форма, а тоа се работа, култура, спорт и забава. Нивните забави се препознатливо изворни и веродостојни.
Сите бевме импресионирани од кристалната лагуна во близина на островот Гозо, каде имавме можност да ја почувствувавме магијата на природниот спој меѓу копното и морето.
Погледот кон карпестиот дел и чистата морска вода изнудуваше воздишки на секој поединец. Трајно запаметена слика во меморијата на секој турист.
Како човек кој ја сака историјата, а по професија стопанственик, направив своја анализа зошто овие два острови, Сицилија и Малта, имаат различна реалност. Двата острови се оддалечени еден од друг само 20-тина километри, имаат идентична морфологија на нивните копна, но различна историја и сегашност.
Масовното иселување од Сицилија и натаму е присутно. Идентификацијата на Сицилја во очите на светот е дека тој остров бил дом на мафијата.
Малта, не само што нема иселување, туку претставува и дестинација за многу гурбетчии од светот, па и од граѓаните на Македонија.
Културата и развојот на овие два соседни острови се одвивала во две различни империи. Малта била владеена од Британците и британскиот систем на живот кој е комплетно имплементиран и функционален.
Сицилија била дел од француската и шпанска империја, каде владееле кралевите Бурбонци. Со обединувањето на Италија од Гарибалди, Сицилија станува дел на Италија.
Очигледно е дека јужниот дел на Италија, Сицилија, е запоставен од страна на централните власти во Италија.
Но времињата се менуваат и убеден сум дека во извесен период пред нас, Сицилија ќе биде една од светските туристички дестинации за посета.
Мојата професионална деформација да го перцепирам инфраструктурниот дел на секоја држава и стопанскиот развој, ме растажи кога увидов дека Балканот, а посебно Македонија, станува еден вид резерват во кој ништо добро не се случува. Стагнираме во нашиот општествен развој.
Паметам во бившата СФРЈ, автопатот Сежана-Гевгелија, беше најоптоварената делница од гастербајтери или пак превоз на стоки со огромни камиони, ладилници и цистерни. Денес патиштата во Македонија зјаат празни. Сиот овој превоз денеска се одвива преку Италија, пристаништето Бриндизи и Грција, пристаништето Игуменица, а со автопатиштата направени во овие две земји на сите корисници им се нудат многу поповолни и брзи услуги. Замислете, за услуги на ферибродови во сопственост на италијански и грчки фирми, покрај нивните домицилни светски јазици вметнати се и јазиците на транзитните субјекти, бугарски, турски и арапски. За секој стопанственик чија ориентација е макро-бизнисот, ова се факти.
Македонија иако има прекрасна гео-стратешка положба денес е изолирана земја. Да не се чудиме што ЕУ се однесува кон нас на понижувачки начин.
Проблемот е во нас, граѓаните на Република Македонија!
Препорака до моите читатели: патувајте, уживајте и согледувајте ги нештата при патувањата, донесете сознанија како треба да ја градиме својата татковина.
За да опстоиме, треба да учиме од другите…
Трифун Костовски






