Песков за апсењето на Медведчук: Треба да се провери, од Украина доаѓаат фалсификати
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, синоќа изјави дека е неопходно да се проверат информациите за апсењето на прорускиот политичар Виктор Медведчук, близок до рускиот претседател пред да даде какви било коментари.
„Го видов Медведчук. Не можам да кажам колку е вистина ова. Би било погрешно да се каже нешто без проверка и потврда – изјави Песков за новинарите коментирајќи ги информациите за апсењето на Медведчук во Украина.
Медведчук, претходно бил во домашен притвор поради сомнение за предавство, но побегнал неколку дена по руската инвазија, пренесува Би-би-си.
Тој додаде дека сè што доаѓа од Украина треба да се провери бидејќи од оваа земја доаѓаат фалсификати, пренесува Интерфакс.
„Толку многу фалсификати сега доаѓаат од Украина, толку многу фалсификати се професионално или непрофесионално генерирани во Украина, со помош на разни асистенти од меѓународните ПР-агенции, така што би било погрешно да се земе ова како вистина – додаде Песков.
Фотографија на Медведчук, поранешен копретседател на партијата Опозициска платформа за живот, во маскирна униформа и со лисици на рацете, беше објавена претходно синоќа на телеграм-каналот на украинскиот претседател Владимир Зеленски.