Песков: Заканите на Трамп до земјите од БРИКС за доларот ќе имаат контраефект
Кремљ соопшти дека сите обиди на САД да ги принудат другите земји да го користат доларот ќе имаат контраефект откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за сите земји од БРИКС доколку се обидат да создадат своја валута, пренесоа британските медиуми.
Трамп вчера побара земјите-членки на БРИКС да се обврзат да не создаваат нова валута и да не поддржуваат ниту една друга валута што би можела да го замени доларот во меѓународната трговија. Трамп предупреди дека во спротивно може да воведе царини од 100 отсто.
Организацијата БРИК е создадена по состанокот на лидерите на Бразил, Русија, Индија и Кина во Санкт Петербург во 2006 година. Четири години подоцна, Јужноафриканската Република се приклучи на форматот, кој беше преименуван во БРИКС. Оттогаш, други земји се приклучија на форматот. Тие долго време разговараат за прашањето за замена на доларот, но оваа дискусија доби на интензитет откако Западот воведе санкции кон Русија поради војната во Украина.
-Се повеќе земји се префрлаат на користење на национални валути во нивната трговска и надворешна економска активност, рече денеска Песков како одговор на новинарско прашање за изјавата на Трамп.
„Доколку Вашингтон прибегне кон економска сила за да ги принуди земјите од БРИКС да го користат доларот, тоа ќе има спротивен ефект“, предвидува Песков.
„Тоа само ќе ја зајакне тенденцијата за преминување кон националните валути во меѓународната трговија“, рече портпаролот на Кремљ и додаде дека „доларот почнува да ја губи својата привлечност како резервна валута за голем број земји“.