Пицата (мафијата) ја измислија Италијанците, а ја усовршија охриѓанците!?

Дали Охрид (се заборава Охридското Езеро) ќе биде ставен на листата на загрозените подрачја на УНЕСКО? Еден министер по културата, уште и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, велеше –УНЕСКУ! Моите охригани, често го опишуваат и како – КУЧЕСКУ!
Значи, да се биде или не: Дали Охрид (се заборава Охридското Езеро) ќе биде ставен на листата на загрозените подрачја на УНЕСКО?
Да, ТРЕБА ДА БИДЕ СТАВЕН! Навистина е штета што одавна не беше ставен!
Ако ви прозвучува еретички, малку објаснување:
Охрид, но, и Езерото, како едни од најповластените урбани, културно – историски и и природни ресурси на планетата земја, 1979/ 80 година, беше ставен на Светската листа, под патронат на УНЕСКО.
Тоа можеше да се случи само тогаш и само еднаш, во една организирана држава, која имаше свое место во светот (пасошот на нејзините државјани беше еден од најкрадените во светот – за тие што ме разбираат!), своја специфична тежина (појака од реалната!), свое законодавство, свој лидер (нека пукне шугавата Екатерина!) пред кого застануваа мирно – од Москва до Вашингтон, како што, на испраќањето од овој свет, молчеа простум, во Белград сите светски лидери, во број и формат каков што светот не видел, ниту ќе види уште еднаш.
Знам, веднаш ќе се јават дежурните климоглавци кои ќе ме обвинат за “пекање по бившата ЈУГА”.
Ако, тоа треба да се издржи, зашто и тие знаат дека годините до пред деведесетиите од минатиот век, сеуште ни се посакуван сон, или неотсонувана иднина. По ниту еден пaрaметар (освен по сопствената државност) ние, кавилтативно, не можеме да се споредуваме со тој период. Далеку сме – во секој поглед!
Кога се градеше колекторскиот систем, зад него застана државата Југославија. Беше формиран, така викан Совет за изградба, кој го водеше државниот, сојузниот функционер, Македонецот Димче Беловски.
Но, бидејќи темата ни е Охрид (Езерото) и УНЕСКО, уште еднаш да повторам дека ниту градот, ниту државата, не се оние од времето кога беше добиен тој повластен статус. А како беше добиен?
Беше добиен така што, и по цена на лична и семејна загроза, мојот учител во професијата, Милчо Балески ја “стави главата во торба!” и рушеше – од среде во чаршијата (баш кај пицеријата која нашиот актуелен премиер ќе ја сруши на Свети Никојден!), до Трперјца и Љубаништа, каде замислените охридски моќници беа испоградиле бетонски гнезда по карпите и долинките!
Ние сме имале добри градоначалници и после Милчо Балески. Не можам, а да не го издвојам, исто така, колегата Љубен Баткоски, но, нека ми опрости, после Милчо ние имавме градоначалници (се опроба уште еден мој колега – Благоја Сиљаноски), но немавме градоначалник со храброст.
Така и се топеше реномето, исчезнуваше повластеноста, дојде загрозата. Најнапред, со градоначалникот кој стори се, градскиот измет (иако вкопан длабоко под земјата), да не минува покрај неговата, од три страни со вода, обиколена палата. Бев одборник во Општината, ја донесовме таа “природна варијанта”, за природен – крајбрежен ток, но добивме “остав” – прегласување – да се раскопува едната делница од Туристичкиот булевар по целата должина со механичко препумпување (!), затоа што “така рекол другарот Лазо”!!!
Сега, гледајте и чудете те се: Цело едно јавно претпријатеие го “одржува” за да не го одржи, со силна механика и механизација, препумпни станици, енормна електрична потрошувачка. А, можеше да си биде самоодржлив.
По него продефилира градоначалникот кој имаше толку знаење, респект и почит кон градот, што ги откорна црвените гранитни блокови по чаршијата (охридското корзо) за да ги замени со “венецијан плочки”! Такви, исти, користевме за поплочување на дворовите, само ние од периферијата на градот. Човек да не знае дали да се смее, или да плаче!
Што човек да каже за осумте години изедени од скакулецот – Манулачот? Срам и јад, интелектуално дно на врвот од возвишениот град! Криминална “направија” на Бучко и Иле од Велмеј! Другарот Кондарко, беше присутен(нека ви посведочи) кога им кажав: од вечерва градот го предавате во рацете на подземјето, на мафијата!
Similles similli gaudet! Само поголем мафиоз од Манулачот, можеше да изнајде такво “решение”!
За тие 8 години, мафијата од надвор, влезе внатре во институциите. Тоа што не го направи еден Алка Поне (иако беа негови и судовите и градските власти во Чикаго), го направија овде и сега. Оној за кого не важат никакви закони во државата, влезе внатре во Советот за да ги решава проблемите “низ дијалог”: тие што не гласаа како него, ги “дијалогизираше!” со тупаници, тука пред советниците и градоначалникот, на седница на Советот!
Метафора, или судбина: беше член на градската Комисија за урбанизам!?
Нашиот актуелен премиер изјавуваше: “ќе ја рушам пицеријата и по цена да се растури владеачкото мнозинство во Охрид!”. И денеска се растура, освен ако, велејќи – Охрид, не мислеше на Скопје (не ја растурам локалната, за да не ми се растури централната коалиција!).
И сега што? Се исчудуваме што актуелниот градоначалник на Охрид (претходникот почина, речиси, на работното место!) собрал храброст да каже дека е добро што Охрид ќе биде ставен на листата на загрозените. Па добро, е, јас тоа одавна го кажувам. Ама не е добро, затоа што е добро, туку е добро поради НЕМОЌТА! Човекот одеше со тројца бодигарди околу себе!
Медиумите пренесуваат дека градската власт се судрила со централната, односно со актуелниот министер за транспорт. Не се судрила, туку, конечно, ја сватила НЕМОЌТА – својата и скопската. А, без МОЌТА во Скопје, кои се инструментите за МОЌ во Охрид!?
Константин Горѓиевски, може и да се обиде да биде и втор Милчо Балески, но ние не сме во 1994 -та година. И Милчо, колку и да му беше мил градот, ако ја немаше организираната република и уште поорганизираната држава, зад себе, немаше да ја имаа храброста да руши дивоградби.
А, и како да руши Константин во Охрид, кога оној во Скопје, го помина првиот четиригодишен мандат, замајувајќи не, во моментите на трезност, дека ќе ги отстрани грдотиите на плоштадот, односно ќе ги отплови галиите по матен Вардар!
Се е матно, а само во матно – најубаво се лови!
И тоа Кatër sezone!
(Крај)
Веле Митаноски






