Писмо од рускиот патријарх Кирил до поглаварот на МПЦ-ОА Стефан

Во писмото го известува за одлуката од 25 август годинава за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија
По oдлуката од 25 август оваа година на Свештениот собор на Руската православна црква за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, вчера, Патријархот Московски и на сите Руси г.г. Кирил испратил писмо до Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во кое го известува за прифатената автокефалија.

МИА го пренесува во целост писмото, преведено на македонски јазик.

„Ваше Блаженство, возљубен собрате и сослужителе пред Божјиот престол!

Срдечно Ве поздравувам и Ви благодарам за писмото од 13 јули оваа година, во кое соопштувате за признавањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и за врачувањето на Томосот за автокефалија, од Светејшиот Патријарх Српски Порфириј на Вашето Блаженство. Да Му благодариме на Бога за Неговиот неискажлив дар! (2 Кор 9, 15)

Нашата Црква секогаш се стремеше да го поддржува македонското православие, во текот на многу години на сите можни начини, помагајќи го дијалогот помеѓу српските и македонските браќа по вера. Радосно е што сега тие усилби се овенчаа со обновување на општењето меѓу двете Цркви.

Светиот Патријарх Српски Порфириј се обрати до мене со официјално известување за давањето на автокефалност на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и со молба да ја признам таа автокефалност, давајќи им пример и на останатите помесни православни Цркви.

На 25 август оваа година, Светиот синод на Руската Православна Црква, го разгледа посланието на Неговата Светост. Заблагодарувајќи Му на Господа за разрешувањето на статусот на Православната Црква во Северна Македонија на канонска основа, Светиот синод реши да ја признае Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија за сестринска автокефална Црква, и во свештениот Диптих, како Поглавар, да го впише името на Вашето Блаженство.

Соопштувајќи Ви братски за тоа решение, од лицето на Светиот синод и од сета полнота на Руската Православна Црква, се надевам дека Македонската Православна Црква ‒ Охридска Архиепископија, цврсто ќе ја чува чистотата и непорочноста на светата православна вера и ќе ја запазува верноста на православното канонско предание.

Уверувајќи го Вашето Блаженство во подготвеноста за развивање на сестрана соработка помеѓу нашите Цркви, молитвено Ви посакуваме телесни и духовни сили и изобилни милости од Господа и многу години поглаварско служење, а на Вашата богољубива паства ‒ мир и благоденствие“,

се вели во писмото од рускиот Патријарх до поглаварот на МПЦ-ОА.

Back to top button
Close